СДСМ до Савески: Зошто сè уште нема истрага за Алта банка?
Партијата вели дека приведувањата во Србија и податоците за компании во Скопје отвораат прашања за можна заштита на Мицкоски и Славески.

Опозициониот СДСМ побара од републичкиот јавен обвинител Ненад Савески да покрене истрага за Алта банка, откако во Србија се приведоа лица поврзани со групацијата Алта, а податоците покажуваат поврзаности со компании регистрирани во Македонија.
Партијата ја повикува правдата да постапи, обвинителството вели дека проверките траат
Според податоците од Бизнис мрежа, во март годинава е основана Алта груп Скопје во сопственост на Алта груп Белград, а во август е регистрирана и фирмата Алта реал естате. Директорка на двете компании е Татјана Бундало, која беше уапсена во Србија и доби 30 дена притвор.
Јон Фрчкоски од СДСМ го повика републичкиот јавен обвинител Ненад Савески да објасни зошто нема отворено предистрага или истрага за Алта банка и дали тоа не е форма на заштита за премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески.
„Кој ги донесе во Македонија и со кого се правени бизнис дилови? Па се знае, Организирана криминална група на ВМРО. Трајко Славески јавно кажа дека за влезот на Алта банка се консултирал со Христијан Мицкоски“, вели Јон Фрчкоски од СДСМ.
Српските медиуми известија дека Дубравко Мацура, брат на сопственикот на Алта банка Давор Мацура, и Татјана Бундало биле уапсени и добиле 30 дена притвор поради сомневање дека биле вклучени во изнесување пари од Алта банка Белград. Претходно беа уапсени и Давор Мацура со двајца соработници.
Се претпоставува дека од трезорот на банката биле изнесени 17 милиони евра кеш, додека дополнителни 370 милиони евра се наведува дека само фиктивно влегле во банката. Народната банка на Македонија на 2 ноември го презеде управувањето со Алта банка АД Битола, откако на доминантниот сопственик Алта банка АД Белград му беше одземена дозволата за работа од Народната банка на Србија и беше прогласен стечај.
Обвинителството пред десет дена соопшти дека се вршат прелиминарни проверки на финансиските текови, но дека сè уште не е отворена предистрага.
Фото: прес-материјал од настанот


