Почетна
Македонија

СДСМ најави законски решенија за помош на оризопроизводителите

Венко Филипче одржа средба во Грдовци и рече дека СДСМ ќе поднесе предлози за субвенции и гаранции на откупните цени.

·Македонија
СДСМ најави законски решенија за помош на оризопроизводителите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најави дека ќе поднесе законски решенија во Собранието за решавање на проблемите на оризопроизводителите и другите земјоделци, изјави претседателот на партијата, Венко Филипче, за време на вечерната средба со локалните земјоделци во селото Грдовци, Кочанско.

Филипче истакна дека секторот е под голем притисок затоа што трошоците за производство се зголемени, а откупните цени остануваат ниски, и ја обвини Владата за отсуство на волја да им излезе во пресрет на земјоделците.

„Многу проблеми се накалемуваат. Владата нема никаква волја да излезе во пресрет на земјоделците. Гледате, само половични најави. Се е лага. Видовме дека се им е лага. Пиперките најавија по 40 денари а по 20 денари ги откупуваат. Луѓето знаат дека во наше време по 50 денари килограм било. Така е со оризот, така е со млекото, така е со пченицата, така е со лозарите. Така беше лани, дадовме предлог, не го прифатија. Ама веќе се наталожуваат многу проблеми. Не е еден. Сега ние се бориме да стигнеме за цени откупни во земјоделството или да се како во наше време, а најмалку 30 отсто се зголемени трошоците. Нема пари за земјоделците, нема во економијата, нема пари за поврат на ДДВ, не можат фирмите да се раздолжат, кризата само се продлабочува“, изјави Филипче.

Пратеничката група ќе поднесе предлози за субвенции и гаранции

Според Филипче, пратеничката група на СДСМ врз основа на барањата и информациите од терен ќе поднесе нови законски решенија кои ќе ги опфаќаат субвенциите и гаранцијата за откупните цени, со цел да им се обезбедат повисоки и постабилни примања на производителите.

Тој посочи и конкретна мерка за друг производ: СДСМ ќе поднесе закон за зголемување на откупната цена на грозјето за 5 денари по килограм. „Ние сме тука да излеземе со конкретни предлози. Не знам како ќе реагира владата, јас лично мислам нема да направат ништо ама суштината е да се бориме. Да им покажеме на луѓето дека имаме предлози, имаме идеи. Ќе предложиме закони во Собранието, за субвенциите, за откупните цени“, рече претседателот на СДСМ.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи