СДСМ: Објавени резултати од гласањето на болните во Брвеница пред отворањето на кутиите
Портпаролката Богданка Кузеска вели дека 85 од пријавени 88 болни гласаа на 17 октомври и дека тие податоци беа споделени онлајн пред официјалното броење.

Од СДСМ обвинија дека профили поврзани со владејачката ВМРО-ДПМНЕ објавиле на социјалните мрежи резултати од гласањето на болните и изнемоштените лица во Брвеница пред официјалното отворање и броење на запечатените изборни кутии.
Портпаролката побара обвинителска истрага
На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, соопшти дека на 17 октомври болните и изнемоштените лица во Брвеница гласале дома — 85 од пријавени 88 — а тие бројки, како што рече, веднаш по гласањето беа споделени во саботата на социјалните мрежи од профили поврзани со ВМРО-ОКГ.
„Веднаш по затворањето на избирачките места, ВМРО-Орбан порталот ‘Република‘ ги објави истите резултати: 50 гласа за нивниот кандидат, 20 гласа за Влен, 15 за ДУИ и нула за СДСМ. Бројките се точни со објавите на страниците на ВМРО. Како знаеле ден порано?“, праша Кузеска.
Таа нагласи дека гласањето на болните и изнемоштените лица се извршува дома во присуство на комисија, по што гласачките ливчиња се затвораат во кутии и тие кутии се отвораат на денот на изборите, заедно со кутии од избирачките места.
„Тие гласови не се бројат и објавуваат претходниот ден. Освен ако некој веќе ‘знае‘ што има внатре. Оттука СДСМ нула. Лесно е кога некој има пристап до гласачките ливчиња. Ова не се ‘неофицијални‘ податоци. Ова е признание. Знаеле што има во запечатените кутии пред да се отворат и пред официјалното броење на Комисијата“, рече таа и побара Обвинителството да испита како е можно да се знае што има во запечатените кутии.
Кузеска ги спореди сегашните наводи со „бомбите“ од 2015 година, кога, според неа, имало разговори за притисок врз гласачите и контрола на ранливи групи. Таа рече дека сегашното раководство на ВМРО‑ДПМНЕ под Мицкоски ги продолжува истите техники на владеење.
На вонредните локални избори за градоначалник во Брвеница кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО‑ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, освои 2 943 гласа; кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ, Аркин Јахији, доби 2 152 гласа. Двајцата ќе одат во втор круг за две недели. Јакуп Усеини (Влен) е трети со 1 528 гласа, Јовица Радески (коалицијата предводена од СДСМ) четврти со 706 гласа, а независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи добија 55, односно 21 глас.
Фото: СДСМ


