Почетна
Македонија

СДСМ: Отварањето предмет од ДКСК за можен судир на интереси кај едно лице, не е истрага за проневера на 5,5 милиони евра

СДСМ бара Јавното обвинителство да обезбеди документација и да го следи текот на средствата поврзани со прославата.

·Македонија
СДСМ: Отварањето предмет од ДКСК за можен судир на интереси кај едно лице, не е истрага за проневера на 5,5 милиони евра

Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) реагираат дека отворањето предмет од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за можен судир на интереси кај едно лице не смее да се прикажува како истрага за, наведува партијата, проневера од 5,5 милиони евра поврзана со прославата.

Во партиското соопштение се наведува дека потенцијалниот судир на интереси — кај член на комисијата кој ја одобрил програмата, а потоа учествувал и како изведувач во настапот на светскиот тенор Хозе Карерас — е само еден сегмент од случајот. СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори постапка, да ја обезбеди целокупната документација, да го следи текот на парите и да утврди како биле носени одлуките.

Прашања што, според партијата, остануваат без одговор

„Затоа Јавното обвинителство мора веднаш да отвори предмет, да ја обезбеди целокупната документација, да го следи текот на парите и да утврди како биле носени одлуките. Каде е одлуката на Собранието на акционери на Лотароија која мора да постои согласно закон? Кој орган го одобрил трошењето на над 300 милиони денари? На која седница била донесена одлуката, кој гласал за неа и врз основа на кој закон?“, се дел од прашањата што ги поставија од опозициската партија.

Во соопштението СДСМ додава: „Арамијата Мицкоски излажа дека прославата чинела ‘нула денари‘. Јавноста дозна дека биле потрошени 5,5 милиони евра. Потоа молк, се кријат докуименти, договори, анекси, исплати, фактури. Се крие дури и данок дали е платен. Така функционира организирана криминална група – крие за да не се откријат провизиите, матните зделки и злоупотребите. Граѓаните ја платија сметката на Мицкоски и имаат право да знаат каде завршил секој денар“.

Партијата поставува и низа конкретни прашања: „Како е можно јавен повик да трае само пет работни дена и со пристигнала само една понуда а по три дена веќе да се најави настапот на Гета? Мора да се утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога и од кого бил договорен и кога бил исплатен. Колку заработиле ‘Стардас‘, односно ‘Авалон‘, и како биле вршени исплатите додека компанијата имала блокирана сметка? Дали е платен данок воопшто? Каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продадените билети и дали за овие приходи бил платен данок?“

Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека досега отворила предмет само во делот на можен судир на интереси за едно лице — композиторот и продуцентот Николче Мицевски, за кого беше објавено дека бил претседател на надворешната комисија која го избрала единствено пристигнатото предложение и дека подоцна учествувал како изведувач. Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, изјавил дека Комисијата го следи случајот од аспект на своите законски надлежности и дека за другите аспекти засега не е отворен предмет.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи