Почетна
Македонија

СДСМ: Во министерството на Андоновски тендери од 1,5 милиони евра поврзани со сопругот на државната секретарка

СДСМ тврди дека три договори во вкупна вредност од 1,5 милиони евра биле доделени на фирма поврзана со сопругот на државната секретарка Гордана Клинчарова.

·Македонија
СДСМ: Во министерството на Андоновски тендери од 1,5 милиони евра поврзани со сопругот на државната секретарка

СДСМ денеска соопшти дека во Министерството за дигитална трансформација, кое го води Стефан Андоновски, биле доделени три договори во вкупна вредност од 1,5 милиони евра на фирма која партијата ја поврзува со сопругот на државната секретарка.

На прес‑конференција членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, рече дека договорите се за одржување на Системот за управување со документи, софтвер за регистар на имот и софтвер на испити и дека изведувач е подружница во Скопје на фирмата „Нома систем солушнс“.

Фрчкоски наведува дека како управител на фирмата фигурира Владимир Симовски и додава дека тој бил поранешен директен бизнис партнер и косопственик со Мартин Клинчаров, сопругот на државната секретарка Гордана Клинчарова, во фирмата „СВАГ ФУД ДОО Скопје“. Тој тврди и дека во „Нома систем солушнс“ има сопственички удел и компанијата „Матео Дизајн“ во сопственост на Клинчаров.

„Ова е продолжение на скандалот кој веќе го објавивме. Тоа се тендерите на фирмата ‘Матео Дизајн‘ на сопругот на државната секретарка, Клинчарова, Мартин Клинчаров, вредни 50 илјади евра. ДКСК застана, ама АТК не застанува, затоа што тендерите во Министерството за дигитална трансформација не застануваат. Денеска обелоденуваме како оваа семејно‑тендерска мрежа не само што продолжила, туку драматично се покачила во вредност, во пари“, рече Фрчкоски.

Барања за истрага и политичка одговорност

Партијата побара од Државната комисија за спречување на корупцијата да ја прошири истрагата и повика на следење на финансиските текови кон поврзаните субјекти. „Нема криење од АКТ, нема бегање од одговорност. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата. Откако се уште не го затворивте првичниот предмет, кој го отоворивте пред повеќе од една година, еве ви идеална прилика истиот да го дополните со овие факти и докази. Бараме итно проширување на истрагата и следење на секој денар кој се слева на сметките на овие поврзани субјекти“, рече членот на Извршниот одбор на СДСМ.

Фрчкоски исто така побара оставка и одговорност од министерот Андоновски: „Граѓаните не очекуваат извинувања, туку итна оставка и одговорност. А, одговорност ќе има“, кажа тој.

СДСМ потсетува дека минатата година во март објавиле договори меѓу Министерството за дигитална трансформација и „Матео Дизајн“, застапувано од управителот Мартин Клинчаров, и дека ДКСК ги проверува тие наводи дали постои судир на интереси.

Фото: СДСМ

Поврзани написи