Почетна
Македонија

СДСМ: Задоцнетите мерки на Орце Ѓорѓиевски го ставаат Скопје под опасност од заразни комарци

Партијата тврди дека мерките за контрола на комарците биле доцни и ја повикува градската управа да даде објаснување; Институтот за јавно здравје регистрира 36 потврдени случаи заклучно со 18 август.

·Македонија
СДСМ: Задоцнетите мерки на Орце Ѓорѓиевски го ставаат Скопје под опасност од заразни комарци

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) тврди дека Скопје е ставено „под опасада“ од заразни комарци поради задоцнети мерки на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и повикува на одговорност од локалната власт.

На денешната прес-конференција Александар Давчевски, претседател на Градската организација, ја обвини градската управа за недоволна превенција и доцнење во активностите за контрола на жариштата со комарци, што според него овозможило вирусот да се прошири.

Тврдења и прашања кон градоначалникот

„Наместо навремена превенција, навремена анализа и системска контрола на жариштата со комарците – градоначалникот и овој пат задоцни.  Дури сега се сети дека треба да прска против комарци. Скопје е под опасада од заразни комарци – поради задоцнетите реакции на првиот човек на Градот. Среде лето, граѓаните во грч излегуваат надвор, стравувајќи дека може да бидат заразени. Градоначалникот затаи кога најмногу требаше да делува. Го немаше кога требаше навремено да се прска, пред вирусот да се прошири и пред граѓаните да почнат да заболуваат“, рече тој.

Давчевски постави и низа реторички прашања: „Да не случајно го исчисти Скопје од ѓубре? Да не случајно ги обезбеди ветените автобуси за Скопјани? Да не случано го среди Градски парк после невремето од пред еден месец? Не, ништо од ова не е средено. Се занимаваше со билбордот со коњ со пет нозе, и со дрон го следеше загадувањето на реките во Скопје. Кој ја плаќа цената? Цената ја плаќаат скопјани со сопственото здравје и животи… Орце Ѓорѓиевски не ги заштити скопјани од комарците! А, требаше и мораше. За тоа треба и мора да се одговара, кога би имало институции кои постапуваат по закон“, додаде тој.

Според најновите статистики на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август, во земјата се регистрирани 36 потврдени случаи и уште два веројатни; досега има четворица починати. Од заболените, вкупно 37 се во Скопскиот регион, а еден од Велес.

Надлежните информираа дека е во тек СМС-кампања за информирање на населението, која вклучува вкупно 38 500 пораки што треба да им бидат испратени на граѓаните во засегнатите општини.

СДСМ бара објаснување за доцнењето и повикува надлежните институции да утврдат дали мерките биле спроведени навремено, посочувајќи дека жителите на Скопје го плаќаат тоа со сопственото здравје.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи