Сè уште гори кај Грачани — врз пожарот дејствуваат хеликоптери и „Ер трактори“, селото не е загрозено
ДЗС потврдува дека огнот влезе од косовска страна, се дејствува од земја и од воздух, а Грачани и Гигиштана не се загрозени.

Пожарот што пред три дена од косовска страна навлезе на македонска територија сè уште гори во реонот кај селото Грачани, а на терен и од воздух од утринските часови интервенираат екипи за гасење.
Хеликоптери, „Ер трактори“ и противпожарни тимови го држат притисокот
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) велат дека силниот мирис на чад кој се чувствуваше синоќа низ речиси сите скопски населби доаѓа од овој пожар. ДЗС оценува дека, и покрај ангажманот од земја и од воздух, огнот сè уште е активен и бара продолжени операции за локализација.
„Овој пожар пред три дена од косовска страна навлезе на македонска страна. Врз него дејствуваме и од воздух и од земја, но, за жал, сè уште е активен. Рано утрово врз овој пожар со дејство продолжија скопските пожарникари, засилени со неколку огнени тимови од Дирекцијата за заштита и спасување со пинцгори. Тие работат по огнената линија, обидувајќи се истата да ја намалат. Од воздух поддршка даваат еден армиски хеликоптер, еден полициски хеликоптер, како и два „Ер трактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Во овој момент слободно можам да кажам дека двете села, Грачани и Гигиштана, не се загрозени“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Според надлежните, дел од воздухопловите во претходен договор имаа налети и од косовска страна.
Значаен пожар избувна и на границата меѓу општините Струга и Дебар, кај селата Буринец, Локов и Селци, каде гори нискостеблеста шума. ДЗС најави дека попладне таму ќе бидат испратени два „Ер трактора“ за да им помогнат на струшките и дебарските пожарникари.
За жал, продолжуваат и намерните подметнувања: на планината Китка, каде околу 20 дена тимовите се борат да го спречат ширењето на огнот кон квалитетната шума, вчера биле намерно запалени два пожара. „Во текот на вчерашниот ден повторно беа намерно подметнати и запалени два пожара на Китка. Еден на територијата на Општина Студеничани, еден на територијата на Општина Зелениково. Благодарение на храбрата и пожртвувана работа на скопските пожарникари, овие пожари се изгаснати. Да укажам дека ваквото палење на пожари на територијата на Град Скопје ги расфрла нашите сили и ние не може да ги концентрираме нашите сили на големиот пожар кој избувна на косовска страна“, додаде Ангелов.
И покрај дождот што завчера врнеше на поголем дел од територијата, вчера беа пријавени 31 пожар на отворен простор. Активни се пожари во струшко — Октиси (гори депонија) и во скопско — Бојане, а под контрола се пожарите на Скопска Црна Гора и кај селото Копаница во близина на Скопје.
Огнен Чанчаревиќ
Фото: прес-материјал од настанот


