Почетна
Свет

Секоја деветта преселна птица во светот е загрозена, покажува извештај

Извештајот „Состојбата со птиците во светот“ од Најроби ја повикува глобалната соработка и заштитата на цели преселни патишта

·Свет
Секоја деветта преселна птица во светот е загрозена, покажува извештај

Глобален извештај презентиран на Глобалниот самит за преселните патишта во Најроби, Кенија, предупредува дека преселните птици исчезнуваат со загрижувачка брзина: 45 отсто од преселните видови се во опаѓање, а „секој деветти вид е загрозен од исчезнување“, покажува извештајот „Состојбата со птиците во светот“.

На самитот присуствуваа лидери во заштитата, научници и организации од целиот свет. Робертина Брајаноска, директорка на Македонското еколошко друштво (МЕД), беше меѓу присутните како дел од 125-те членки на BirdLife International кои учествуваа на конференцијата.

Клучни наоди и неодамнешно исчезнување

Извештајот забележува големи загуби кај видови кои зависат од морските живеалишта, шумите и крајбрежните влажни зони. Во него се наведува дека тенкоклуниот српоклун свиркач (Numenius tenuirostris) е прогласен за исчезнат во 2025 година; неговата последна потврдена појава е забележана во мароканска лагуна во февруари 1995 година. Исто така, уште шест преселни видови се потврдени или се смета дека исчезнале во последните 150 години.

Еколозите ги посочуваат добро познатите човечки притисоци како главни причини: инвазивни видови, интензивирање на земјоделството, климатски промени и неодржлив лов. „Извештајот недвосмислено покажува дека ги губиме преселните птици со алармантна брзина, но и дека кога земјоделските, риболовните и практиките на користење на земјиштето се адресираат долж целиот миграторен пат, наместо само на одделни локалитети, тогаш популациите на птици реагираат позитивно“, посочуваат од МЕД.

Од МЕД истакнаа и дека финансирањето за заштита расте: „Во исто време, од 2021 година наваму, развојните банки мобилизираа над 6 милијарди долари за финансирање на заштитата. Заедно, овие чекори претставуваат значаен исчекор кон координиран глобален одговор за зачувување на преселните патишта“, соопштија од друштвото.

На конференцијата беше потпишана и Најробиската декларација за преселните патишта — обврска која бара од владините тела, научните институции, граѓанскиот сектор и финансиските институции да ги засилат соработката и вложувањата за заштита на преселните птици и нивните живеалишта преку државните граници.

Д-р Стјуарт Бучарт, главен научник во BirdLife International и главен уредник на извештајот „Состојбата со птиците во светот“, нагласи дека координираните активности даваат резултати: „Преселните птици се чувари на состојбата на природата, а нивното опаѓање укажува на зголемениот притисок врз природните системи од кои зависиме. Но, науката исто така јасно покажува дека заштитата функционира – координираните активности можат да спречат исчезнувања и да го помогнат обновувањето на популациите. Решенија постојат: она што сега е потребно е да се применат на долж целиот миграторен пат“, рече д-р Бучарт.

Извештајот и самитот повикуваат на промена на пристапот кон заштитата — заштитата на цели преселни патишта наместо парцијални интервенции, така што местата за размножување, местата за одмор и зимувачките подрачја ќе се управуваат заедно и во координирана мрежа.

Фото: Wikipedia Commons / Dr. Raju Kasambe

Поврзани написи