Септември на албанската ривиера: каде да отидете за поевтино и без гужви
Ксамил, Саранда и Валона ја привлекуваат туристичката струја во септември со пониски цени и помирен одмор.

Септември на албанското крајбрежје одамна престана да биде само „крај на летото“. Туристичките извештаи и податоците од агенциите покажуваат дека овој месец се претвори во хит за оние кои бараат мир, поднослива температура, автентичен амбиент и значително пониски цени.
Додека гужвите од јули и август се повлекуваат, брегот од Велипоје па сѐ до Ксамил добива порелаксирана атмосфера. Се менува и профилот на гостите — главно Скандинавци, Германци и Холанѓани кои ја користат поевтината понуда на директни летови до Тирана и мирното време за комбинација од плажа и разгледување.
Каде вреди да се оди и колку чини
Ксамил и Саранда се најбарани и најевтини во септември. Иако во шпицот Ксамил е познат како скап и пренатрупан, септември ја менува сликата: водите на Јонското Море се уште се доволно топли за капење, а цените на сместувањето паѓаат и до 50% до 60%.
Мали семејни хотели и апартмани кои во август се издавале за 80–120 евра, во септември често може да се најдат за 35–50 евра за ноќевање за две лица. Луксузните бутик-хотели нудат соби со поглед на море од 60–80 евра.
Цените во кафулињата и рестораните исто така се намалуваат: еспресо може да чини 80–100 леки (околу 50–60 денари), а морските специјалитети во реномирани угостителски места стануваат попристапни. Лежалките и чадорите што во јули и август некогаш чинеле и 30 евра, во септември се често бесплатни доколку порачате пијалак во барот или се намалени на симболични 3–5 евра.
Валона е популарен избор за градско сместување во септември — долги прошетки и плажи кон Орикум и Карабурун. Најисплатливо е изнајмувањето на станови во новите згради покрај булеварот, по 25–40 евра ноќе, додека хотели со три и четири ѕвезди нудат конкурентни пакети со полупансион, погодни за семејства.
Ривиерата помеѓу Химара и Дерми, вклучувајќи го и Порто Палермо, е за оние што бараат карпести заливи и камена архитектура. Во септември приватните соби и студија во стариот дел на Химара или покрај плажата Потами се движат од 30–45 евра за ноќ. Областа е популарна и за активен туризам — планинарење во Стара Химара, посета на замокот во Порто Палермо и кампување.
Анализите на туристичките агенции од регионот го нарекуваат септември „златна кокошка“ за паметните туристи: попустите ги опфаќаат сите сегменти — сместување, храна и плажни услуги — а со помалку гости услугата често е повнимателна и поквалитетна.
Ако сѐ уште не сте ги резервирале вашите доцни летни планови, септември на албанската ривиера нуди топло море, помирен амбиент и значително пониски трошоци во Ксамил, Саранда, Валона, Химара и Дерми.
Фото: прес-материјал од настанот


