Северна Македонија официјално стана дел од Вертикалниот гасен коридор
Номагас го потпиша Меморандумот на 10. СЕЕФ, ставајќи ја државата во регионалната југ–север оска за пренос на гас.

Северна Македонија официјално се приклучи кон иницијативата Вертикален гасен коридор откако „Номагас АД Скопје“ денеска го потпиша Меморандумот за разбирање на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (СЕЕФ) во Солун, Грција.
Меморандумот го потпиша извршниот директор на „Номагас“, Недим Рама, со што компанијата формално се вклучи меѓу операторите кои го развиваат коридорот што ги поврзува гасните системи на Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Србија.
Што носи приклучувањето
„За Северна Македонија, приклучувањето кон Вертикалниот коридор ќе ја зајакне регионалната соработkа, ќе поддржи подобра интеграција на нашиот национален систем за пренос на природен гас со пошироката европска мрежа, ќе ги диверзифицира рутите за снабдување со гас и ќе ја унапреди сигурноста на снабдувањето во регионот“, нагласи Недим Рама.
Од компанијата појаснуваат дека Меморандумот воспоставува рамка за координиран развој и работа на меѓусебно поврзаните системи за пренос на гас, со фокус на подобро искористување на постојната инфраструктура, надминување на тесните грла, зголемување на капацитетите на интерконекциските точки и унапредување на можностите за двонасочен проток на природен гас.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која присуствуваше на панелот на СЕЕФ, рече дека Вертикалниот енергетски коридор не е само гасоводна инфраструктура, туку ја претставува „новата безбедносна, економска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа" и ја истакна улогата на дипломатските напори при приклучувањето.
„Денес сум исклучително горда да истакнам дека, по интензивни дипломатски напори, Северна Македонија официјалкно се приклучува кон Вертикалниот гасен коридор. Ова е историски момент преку кој, по цели три децении, ја прекинуваме нашата целосна завиност од една гасна рута“, изјави Божиновска.
Според „Номагас“, новиот Меморандум го заменува документот од 19 јануари 2024 година и важи три години, со можност за автоматско продолжување уште една година ако ниту една страна не се спротивстави. За спроведување е предвиден управувачки комитет од главните извршни директори и Проектен тим со можност за формирање специјализирани работни групи.
Од компанијата потсетуваат и на домашните инфраструктурни проекти: изградбата на интерконекторот со Грција, кој е во тек, и планираниот 23-километарски интерконектор со Србија. Министерката Божиновска соопшти дека интерконекторот со Грција се очекува да биде оперативен во 2027 година и ќе обезбеди почетен капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно, со реална можност за двојно зголемување на капацитетот на 2,8 милијарди кубни метри во иднина.
Фото: МИА


