Почетна
Свет

Шефот за вештачка интелигенција на „Мајкрософт“ го критикува „Антропик“ и предупредува за „силиконски вид“

Сулејман вели дека компаниите што им даваат човечки квалитети на АИ и им дозволуваат да имаат свои цели ризикуваат да создадат неконтролирана технологија.

·Свет
Шефот за вештачка интелигенција на „Мајкрософт“ го критикува „Антропик“ и предупредува за „силиконски вид“

Шефот за вештачка интелигенција во „Мајкрософт“, Мустафа Сулејман, јавно го критикуваше конкурентот „Антропик“ и предупреди дека без цврсти заштитни мерки развојот на напредна вештачка интелигенција може да доведе до појава на технологии што човештвото нема да може да ги контролира.

Сулејман ја обвини фирмата дека се однесува кон моделите како да се луѓе и дека таквиот пристап носи ризик технологиите да почнат да ги следат сопствените цели. Во претходно објавен есеј тој ја истакна вештачката интелигенција „Клод“ на „Антропик“ како пример за систем научен да има човечки квалитети — практика што тој ја опиша како антропоморфизација.

„ Луѓето со право се загрижени за вештачката интелигенција, но постојат многу практични работи што можеме да ги направиме за да ја контролираме“, кажа Сулејман.

Предупредување за автономни системи

Тој предупреди против компании кои продолжуваат да креираат системи со способности да поставуваат свои цели, да заработуваат пари и да поседуваат средства. Според Сулејман, таквите можности ја преминуваат границата меѓу инструмент и агент со автономни мотивации.

„ Тоа во суштина би значело создавање нов силиконски вид, кој несомнено би можел да се натпреварува со нас за ресурси“, вели Сулејман. Тој дополнително потенцираше технички ограничувања: " Вештачките интелигенции не се свесни. Тие не чувствуваат, не искусуваат и не страдаат. Тие немаат вродени преференци или основни мотивации. Тие се мотори за завршување на секвенцата, дизајнирани да следат инструкции и да остваруваат цели поставени од луѓето", кажа Сулејман.

„Мајкрософт“ го основа својот тим за суперинтелигенција во октомври 2025 година. Компанијата, слично како и „Антропик“, се залага за развој на напредна вештачка интелигенција — но изјавите на Сулејман ја истакнуваат внатрешната дебата во индустријата за тоа како да се создаваат такви системи на безбеден начин.

Фото: АП)

Поврзани написи