ШК Алкалоид ја освои 28. титула — 14-та по ред
Со убедлив триумф од 5,5 : 0,5 над ШК Гостивар, тимот ја заврши сезоната со максимални 18 поени во 9 кола.

На 29.08.2026 година ШК Алкалоид ја освои 28. титула во екипните првенства на Македонија и 14-та по ред, откако во последното коло го декласираше ШК Гостивар со 5,5 : 0,5. Тимот заврши со максимални 18 поени во девет кола и во ниту еден момент не им даде шанса на конкурентите за шампионскиот трофеј.
Од осамостојувањето, Алкалоид има 28 титули во 34 настапи, што ја потврдува доминацијата на клубот во екипниот шах во земјата.
Младата носечка четворка — ИМ Емил Ристески, ИМ Филип Панчевски, ИМ Тони Лазов и ИМ Дејан Стојановски — го носеше најголемиот товар, а таа постава ја поддржаа велемајсторите Звонко Станојоски, Трајко Недев и Драгољуб Јаќимовиќ. На првите две табли тимот беше засилен и од српските велемајстори Александар Инѓиќ (европски шампион за 2024) и Велимир Ивиќ.
Клучни поединечни резултати
Како најуспешен се искачи ИМ Тони Лазов со 7,5 бода од 8 партии, потоа ИМ Дејан Стојановски со 6,5 од 7 и ИМ Емил Ристески со 5,5 од 6.
– Во пресрет на Првенството секогаш се подготвуваме и се мотивираме да играме и да се надигруваме за шампионската титула, но по ваква низа верувам дека е точна мојата констатација дека ШК Алкалоид доминира во екипниот шах во Македонија. Задоволен сум од прикажаното, сите го дадоа максимумот, во ниеден меч не дозволивме да бидеме надиграни. Посебна пофалба оди и до младите шахисти на ШК Мулти Есенс, кои повторно беа во игра за трофеј и кои до последната партија се бореа за третото место – изјави капитенот на екипата на Алкалоид ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
ШК Мулти Есенс на крајот зазеде четврто место: и покрај победата од 5,5 : 0,5 над искусниот тим на ШК Прилеп во последното коло, имаше недостиг од еден бод за третото место. Тие забележаа пет победи, една нерешена и три порази. Тимот го предводеа велемајсторите Леон Ливаиќ и Лука Драшковиќ, а во составот настапија и Михаил Јорданов, Матео Ефтовски, Стојан Велкоски, Никола Павлески, Кирил Николовски и Дино Табаковски.
ШК Алкалоид сезонава ја освои двојната круна на националните екипни првенства, откако претходно и женскиот тим го освои шампионскиот трофеј. Следен настап на клубот ќе им биде Европскиот клупски куп, кој оваа година е закажан да се игра во Црна Гора средината на октомври.
Фото: прес-материјал од настанот