Почетна
Спорт

ШК Алкалоид тргна во одбрана на двојната круна

ШК Алкалоид ја почна одбраната на двојната круна со победи на стартот во Струга.

·Спорт
ШК Алкалоид тргна во одбрана на двојната круна

Најуспешниот македонски шаховски колектив, ШК Алкалоид, со победи ја започна одбраната на двојната круна на екипните државни првенства, кои овој викенд стартуваа во Струга.

Машкиот турнир дојде со значително поголема сила: пријавени се дури 21 велемајстор, како и 13 интернационални мајстори и 15 ФИДЕ-мајстори. Од вкупно 100 пријавени играчи, 49 имаат шаховска титула, наспроти 36 во 2025 година. Просечниот рејтинг на машкиот турнир изнесува 2119 поени, додека женскиот турнир има просечен рејтинг од 1847; на женскиот турнир настапуваат 38 шахистки, од кои 14 се со меѓународни титули.

Машкиот тим на фармацевтите во првото коло го победи штипскиот клуб „Нов напредок“ со 5 : 1, а во второто коло го совлада ШК Прилеп со 4 : 2. Ростерот е непроменет во однос на минатите сезони: на првите две табли се ВМ Александар Инѓиќ и ВМ Велимир Ивиќ, додека помладите ИМ Емил Ристески, ИМ Тони Лазов, ИМ Филип Панчевски и ИМ Дејан Стојановски ќе го носат товарот пред велемајсторите Трајко Недев, Драгољуб Јаќимовиќ и Звонко Станојоски.

Женскиот тим е исто така без промени: на првите две табли настапуваат Грузијките ИМ Лела Јавакишвили и ВМ Бела Котенашвили, а ЖФМ Моника Стојковска, ЖФМ Моника Жежовска, ЖИМ Габриела Коскоска и Леа Ефтовска ќе ротираат на другите две табли. Во првите две кола тие забележаа две победи – 4 : 0 против ШК Капабланка и потоа 3,5 : 0,5 во дербито против ШК Неготино.

„Очекувавме и се подготвувавме за борбен меч бидејќи за противничкиот тим на првата табла игра новата ѕвезда на женскиот шах во Бугарија, ЖВМ Надја Тончева. Во нивниот тим се уште и една млада шахистка од Израел и поранешната репрезентативка на Македонија Весна Секуловска. Најопасно за нас изгледаше мечот на првата табла, но со тактичка игра во завршницата ИМ Лела Јавакашвили успеа да го сврти резултатот во своја корист и да ја донесе првата победа на мечот. На третата табла се играше позициски и во прилично тврд меч ЖФМ Жежовска и ЖФМ Секуловска го поделија поенот. На втората табла позицијата беше нејасна и непредвидлива, но ВМ Бела Котенашвили ја надигра противничката. Мечот заврши со победа на четвртата табла, каде што ЖИМ Коскоска успеа да создаде и да реализира предност“ – анализираше ВМ Влатко Богдановски, кој е капитен на женскиот тим.

По вторпат во својата куса историја на Екипното државно првенство настапува и ШК Мулти Есенс, каде што играат млади шахисти од школата на ШК Алкалоид. Засилени со ВМ Леон Ливаиќ и ВМ Лука Дршаковиќ на првите две табли, за екипата настапуваат Михаил Јорданов, Матео Ефтовски, Стојан Велкоски, Никола Павлески, Кирил Николовски и Дино Табаковски. Во првото коло со 4 : 2 ги совладаа ГШК Куманово, а во второто коло забележаа 4,5 : 1,5 против Шкупи, без пораз на меч.

Женскиот турнир се игра во седум кола, додека машкиот турнир опфаќа девет кола.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи