Почетна
Политика

Штерјова: Еден дата центар пие вода колку град со 30.000 жители, а ние немаме ни за пиење

СДСМ бара мораториум за нови комерцијални дата центри што ја испаруваат водата: Македонија увезува струја, во над 50 населени места водата е загадена, а власта ветува центри што трошат милиони литри дневно.

·Политика
Штерјова: Еден дата центар пие вода колку град со 30.000 жители, а ние немаме ни за пиење

Додека Европа се соочува со суша и со пресушување на реките, Владата на Христијан Мицкоски ја турка изградбата на комерцијални дата центри како веќе завршена работа. Тоа на прес-конференција во седиштето на СДСМ го предупреди Кети Штерјова, која побара јасен одговор на најпростото прашање: со која вода и со која струја ќе работат тие центри кога државата не може да обезбеди ни вода за пиење.

Штерјова ја постави сликата во која се планира оваа инвестиција. „Европа се соочува со суша, со намалување на водните ресурси и пресушување на реките“, рече таа, додавајќи дека „Македонија повеќе увезува струја отколку што произведува“ и дека „во над 50 населени места граѓаните се соочуваат со загадена вода“.

Токму во такви услови, тврди СДСМ, се подготвува проект чија цена ќе ја платат домаќинствата. „И во вакви услови Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да ги продадат водата и струјата на граѓаните за интереси на странски дата центри и сопствени тендерски профити“, рече Штерјова.

Нејзиниот најсилен аргумент е бројка што ја разбира секој потрошувач. „Еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри вода дневно, колку што троши град со 15.000 до 30.000 жители“, потсети Штерјова. Според неа, домашната инфраструктура таков товар не може да го поднесе: „Нашата инфраструктура не може да ја издржи и носи ризик од рестрикции за вода и покачување на цените на струјата“.

Штерјова ја поврза оваа најава со кризата што вечерва е сè уште отворена во неколку општини. „Владата на Мицкоски не може да обезбеди доволно чиста вода за пиење, а не па повеќе“, рече таа. Кон водата се додава и енергетската сметка: „Македонија нема доволно електрична енергија за дата центри и ќе мора да се увезува“, а клучното прашање, според СДСМ, е колку поголем увоз ќе биде потребен, бидејќи цената на крајот повторно ќе ја платат граѓаните преку повисоки сметки за струја.

Од прес-конференцијата останаа неодговорени и неколку технички прашања што ги постави Штерјова: „Која вода ќе се користи? Дали тоа значи дека ќе се загреваат реките и дали ќе има испуштање на затоплена вода во реките? Како тоа ќе влијае врз биодиверзитетот?“ Тоа се прашања на кои ниту едно надлежно министерство досега не понудило документ со анализа.

Штерјова истакна дека противењето не е насочено против технологијата. „СДСМ не е против дигитализација. Дигитализацијата не значи само да се изгради дата центар“, рече таа, објаснувајќи дека дигитализацијата значи функционални електронски услуги, поврзани институции, помалку бирократија и држава што работи побрзо за граѓаните.

Оттаму и конкретното барање со кое заврши обраќањето: „Бараме мораториум за изградба на нови комерцијални дата центри кои користат системи со испарување на вода“. Штерјова потсети дека во повеќе американски држави и во земји од Европа ваквите инвестиции се стопираат поради недостиг на вода, огромната потрошувачка на електрична енергија и влијанието врз животната средина, додека кај нас проектот се брани како развоен приоритет.

Фото: СДСМ

Поврзани написи