Почетна
Македонија

Штипско матично одделение работи со само двајца вработени

Од шест шалтери само два функционираат; вработените велат дека долго бараат нови вработувања и очекуваат решенија во рок од пет–шест месеци.

·Македонија
Штипско матично одделение работи со само двајца вработени

Во штипското Одделение за матични книги, од вкупно шест шалтери за вадење документи, изводи и потврди, со месеци работат само два, со двајца вработени: еден референт-матичар и еден помошник-референт за матични книги.

На неактивните шалтери поставиле информативни натписи дека тие не можат да издаваат документи. Двајцата вработени, колку што можат, кога имаат дополнително време доброволно им излегуваат во пресрет на граѓаните и ги издаваат бараните документи. Во просек, месечно изработуваат и врачуваат над 1.000 документи.

Од пред вратата на Одделението, повеќе странки се жалат на долги чекања. „Десет години вадам разни изводи за членовите на моето семејство. Не можам да дојдам на ред од странките кои за истите работи доаѓаат во Одделението за водење матични книги во Штип, затоа што за истите изводи, најмногу за родени и за венчани, доаѓаат луѓе од сите градови од Источна Македонија. Најголема е гужвата кога има некаков оглас, конкурс или кога се уписите во образованието, кога на кандидатите им се бараат нови изводи“, велат повеќе странки со кои разговаравме пред Матичното одделение.

Барања за нови вработувања и ветувања од Скопје

Од одделението велат дека и писмено и преку интерни телефонски разговори постојано бараат нови вработувања, но добиваат само ветувања. Според систематизацијата, ова Одделение уште пред десет години имало потреба од најмалку седум вработени, бидејќи издава документи на граѓани од сите градови во Источна Македонија, со над 300.000 жители. Наместо тоа, во последните пет-шест години Одделението работело само со тројца матичари. Пред неколку месеци една нивна колешка била префрлена во Скопје, па Одделението останало само со двајца матичари, кои, покрај сета работа, имаат обврска да одат и на закажаните венчавки и други брачни регистрации.

Директорот на Управата за водење матични книги во Скопје, Фатон Фазлиу, ни изјави: „Свесни сме дека станува збор за поширок проблем кој не се однесува само на Штип, туку и на потребата од подобрување на кадровските капацитети и во други подрачни одделенија во државата. Во таа насока се преземаат активности за надминување на состојбите и за подобрување на функционирањето на службите, со цел граѓаните да добиваат навремени и квалитетни услуги. Веруваме дека во наредните пет до шест месеци ќе успееме успешно да го надминеме и затвориме ова прашање, преку соодветни решенија за кадровско екипирање и подобрување на условите за работа“, вели Фазлиу.

Вработените објаснуваат дека барањата ги примаат во текот на целиот ден и ги врачуваат документите што можат да се издадат веднаш. Останатите изводи ги подготвуваат наутро, доаѓајќи порано на работа за да ги завршат бараните услуги. Тие додаваат дека има помали градови во државата кои имаат двојно повеќе вработени во матичните служби од Штип.

Граѓаните потенцираат дека ваквите кадровски проблеми не се решаваат, а службите од овој тип придонесуваат за полнење на државната каса: еден извод на родени или умрени чини 170 денари при плаќање со картичка на шалтер, додека 250 денари е цената ако уплатата се изврши преку банка или пошта.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи