Почетна
Македонија

Штрајк на машиновозачи ги прекина повеќето железнички линии, градскиот воз до Зелениково со патници

Од 31 август 17:00 до 1 септември 16:00 возовите беа во прекин поради барање за исплата на јулската плата, додека новата релација до Зелениково сообраќаше.

·Македонија
Штрајк на машиновозачи ги прекина повеќето железнички линии, градскиот воз до Зелениково со патници

Железничкиот сообраќај во земјата беше стопиран од 31 август од 17:00 до 1 септември до 16:00 поради штрајк на машиновозачите кои бараа исплата на платата за јули. Единствен исклучок во тој период беше новиот градски воз што сообраќаше од Скопје до Зелениково и носеше патници, што ја изненади јавноста и дел од патниците.

Новата линија работеше додека останатите стоеја

„Со утринскиот воз од Битола требаше да отпатувам за Скопје, но воз немаше. На железничка станица Велес ни кажаа дека протестирале машиновозачите, барале исплата на плата. Подоцна видов со снимка по медиумите дека тој ден започнал да сообраќа новиот воз од Скопје до Зелениково и обратно. И сега се прашувам зошто машиновозачите за една линија возат, а за другите штрајкуваат. Ако е штрајк штрајк е за сите правци“, вели велешанец кој на 1 септември околу 7,30 часот се подготвувал да отпатува за Скопје со воз.

„Тоа не беше штрајк, туку како бојкот ненајавен. Имаше разговор со раководството за исплата на платите и се најде решение. Платата беше пуштена, вториот дел за јули, возовите тргнаа“, кажа член на Независниот синдикат кој не е овластаен за изјави во јавноста. Нема официјален одговор од железницата зошто градскиот воз сообраќаше додека другите линии беа во прекин.

Градскиот воз од Скопје до Зелениково почна да вози со патници на 1 септември, а свеченото пуштање со присуство на државното раководство беше на 2 септември. Еднонасочната карта чини 40 денари, а повратната 70 денари. Возниот ред предвидува по девет поаѓања од Зелениково и од Транспортен центар, а времето на патување е предвидено од 24 до 28 минути.

Намалениот број линии, нередовноста и доцнењето се меѓу причините за падот на бројот на патници. Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година железницата превезла 177.775 патници наспроти 237.648 во 2024 година — најниска бројка во серијата податоци од 2011 година, кога биле евидентирани 1.421.403 патници. Исклучок е 2015 година, кога поради миграционите движења биле превезени над 1.022.274 патници; од нив таа година од Гевгелија биле превезени 436 илјади патници, а од железничката станица Велес 220 илјади.

Искуствата на патниците се повеќе се лоши. „Патувањето е како авантура, не знаеш кога возот ќе дојде, дали ќе дојде, колку време ќе патуваш и дали ќе стасаш воопшто“, вели поранешен патник од Велес.

Една патничка опиша и долгото чекање од почетокот на август: „На 2 август бевме кумови на манастирот 'Свети Илија' во Карабуниште, Велешко. Кога се враќавме попладнето го чекавме возот три часа. На постојката Пчиња бевме 15 души, меѓу нив дете со посебни потреби, бремена жена во 7 месец. Имаше и други мали деца на 4, 8, 10 и 13 години. Наместо во 17,30 стигна во 20,30ч. Срамота за железница“, кажа патничката.

Фото: К. Попов)

Поврзани написи