Сиљановска-Давкова до првачињата: Учете, бидете љубопитни, другарувајте и бегајте од насилство
Говор на претседателката во ООУ „Св. Климент Охридски“ за почетокот на учебната 2026/2027 година.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го означи почетокот на учебната 2026/2027 година во Охрид, присуствувајќи на првиот училиштен час со првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“, заедно со градоначалникот Кирил Пецаков.
Во обраќањето до најмладите, претседателката ги повика да инвестираат во себе: „Колку повеќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Учете. Нема подобар пријател од книгата.“ Таа ги охрабри да бидат љубопитни, да поставуваат прашања и да бараат знаење како начин за личен развој.
Повеќе од оценки
Сиљановска-Давкова им порача на првачињата дека натпреварувањето не треба да биде само за оценки, туку пред сè за стекнување знаење и успех; дека развојот на критичкото размислување и другарствата со соучениците и наставниците се подеднакво важни.
Во својот говор претседателката рече: "Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците".
Родена во Охрид, Сиљановска-Давкова сподели дека и сама сакала да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати. Таа истовремено се осврна и на учителската професија, која ја нарече најблагородна.
Градоначалникот Кирил Пецаков рече дека првиот училиштен ден е посебен момент и нагласи дека во училиште, покрај читањето и пишувањето, децата учат за вредностите на другарството, почитувањето и меѓусебната помош. Тој им порача на децата: "Бидете љубопитни, вредни и насмеани и уживајте во секој училиштен ден" и им упати апел на родителите да ги поддржуваат своите деца, а на наставниците да продолжат посветено да го пренесуваат знаењето.
Во рамките на свечениот прием беше подготвена пригодна програма за најмладите. На сите ученици од Охрид им беа упатени желби за успешна и среќна учебна година со многу знаење и нови другарства.
Според податоците на Министерството за образование и наука (МОН), годинава во земјава се запишани 14 952 првачиња.
Фото: МИА


