Сиљановска Давкова: Каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме
На панел за 8 Септември, Сиљановска Давкова рече дека трајната државност зависи од функционални институции и заштита на човековите права.

„Асномскиот завет вели – каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме“, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова на панел‑дискусијата „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“.
Според Сиљановска Давкова, држава не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право.
Таа посочи на улогата на умерените и мудри лидери во деведесеттите и ги именуваше Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев и Абдурахман Алити. Како што рече: "По мое мислење, умерените и умни лидери во деведесеттите години биле Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев, Абдурахман Алити… кои успеаја од тој вртлог на војна со своето знаење и мудрост, но и државничкиот однос на еден умерен начин да исчекорат, и тоа е многу важно. Според еден научник, може за шест дена да скицирате устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат шеесет години да изградите функционална демократија".
Поранешни пратеници и министри на панелот
На дискусијата учествуваа поранешни пратеници, министри и други јавни личности кои беа дел од настаните околу 8 Септември.
Поранешниот пратеник Ламбе Арнаудов го истакна високото политичко сознание кај тогашните парламентарци и порача: "Јас се гордеам со овие херои на независноста што денес се овде заедно со нас, како и со сите, за жал, покојни и живи што не се меѓу нас, и им благодарам за она што го направија за Македонија". Арнаудов потсети дека, гледајќи ја реалната опасност од распаѓање, уште во првите денови е донесена Декларација за независност на Република Македонија.
Поранешниот пратеник Насер Зибери зборуваше за односот меѓу правата и лојалноста како клучен за стабилноста и просперитетот, предупредувајќи дека недостатокот од тие елементи создавал кризни периоди кои понекогаш доведувале во прашање крупни одлуки, вклучувајќи го и референдумот за независност и учеството на Албанците на тој референдум. "На повидок беше распадот на СФРЈ и ние меѓу првите се определивме за таков пат. Меѓутоа, ние, како застапници на тој народ, сакавме да имаме јасна слика во каква правна и уставно-правна рамка ќе се најдеме, за да можеме активно да учествуваме во градењето на таа држава", рече Зибери.
Поранешниот министер за правда Туше Гошев го честиташе празникот и нагласи дека државата е создадена од големата желба на една генерација да има самостојна и независна држава во која сите граѓани се рамноправни. Поранешниот пратеник, министер и поранешен гувернер на Народната банка Петар Гошев, пак, напомена дека празниците имаат своја градација на значење.
Фото: прес-материјал од настанот


