Сиљановска‑Давкова: Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници
Претседателката Сиљановска‑Давкова го означи 2 август како симбол на борбата за слобода и повика на одговорно наследување на републиката.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните по повод 2 Август — Илинден, Денот на Републиката, истакнувајќи дека овој датум е "најсветиот македонски ден" и симбол на вековната борба за слобода и државност.
Во својата порака таа ја подвлече историската тежина на датумот: 2 август 1903 година, кога се остварила идејата за Крушевската Република, и 1944 година со Првото заседание на АСНОМ, кое, како што наведе, го реализирало правото на македонскиот народ на сопствена национална држава во која се гарантираат правата на малцинските заедници.
Во лично обраќање околу симболиката на празникот претседателката рече: "Во Илинден, како што посочува ја гледам искрата на македонскиот револуционерен оган, што им го осветли патот на партизаните до исконската цел – слободата," додавајќи дека Илинден е персонификација на исконска желба, решеност, стаменост и храброст за соочување и прифаќање на личната жртва како неминовна.
Обраќајќи се на историските подеми и жртвите, таа посочи дека Републиката се градела преку дела и мисли на националните водачи и јунаци. "Низ крвавите страници на тешката историја, испишани со Делчевата мисла, Каревата републичка визија, Питугулиевата саможртва, Чентовиот трибунски дух и делата на бројни знајни и незнајни јунаци, натопени со реки од солзи, се градеше и обликуваше македонската република. Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци. Кој, ако не ние, ќе биде чувар на илинденскиот завет? Кога, ако не сега, ќе ја оправдаме довербата на илинденците и асномците? Каква Република ќе им оставиме на нашите сакани деца и внуци?" потенцира Сиљановска‑Давкова.
Претседателката упати повик до граѓаните, без оглед на етничката, верската или политичката припадност, да ја разбудат илинденската и асномската совест и да влезат во, како што порача, неминовна и неодложна борба за заедничка македонска, европска и демократска република — правна држава заснована врз начелото на поделба на власта и ефективни спреги и кочници меѓу законодавната, извршната и судската власт, одлучна да ги победи насилството, корупцијата и криминалот, со компетентна, етичка и ефикасна администрација, развиено цивилно општество вклучено во процесот на одлучување и објективно новинарство, бескомпромисно во одбраната на општото добро.
"Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани. Честит Илинден," заклучи претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова во честитката по повод Денот на Републиката.
Фото: прес-материјал од настанот