Силно невреме ја остави Кочани без струја, блокирани повеќе патни правци
Вечерва нешто по 20 часот силен ветер и дожд предизвикаа нарушувања во Кочани; на терен се екипи на ТППЕ и полицијата.

Невреме проследено со силен ветер и дожд вечерва нешто по 20 часот го зафати Кочани и регионот, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот и секојдневното движење на граѓаните.
Патишта и струја
Градот е без електрична енергија. На магистралниот пат Кочани–Штип сообраќајот е во прекин поради наноси и паднати дрвја на коловозот.
Блокирани се повеќе патни правци околу Кочани. На излезот од градот кон Виница сообраќајот е стопиран поради срушено стебло и гранки непосредно после СОУ "Гошо Викентиев". Каде што е можно, сообраќајот се пренасочува низ градот.
Булеварот „Тодосија Пунов“ е непрооден поради големи количини вода од дождот, и на оваа сообраќајница има возила заглавени во водата.
Сообраќајот е во прекин и на потегот од крстосницата кај Горни Подлог до Градовска крстосница на магистралниот пат Кочани–Делчево.
Екипи на ТППЕ и полицијата се на терен и преземаат неопходни активности. Искршени стебла и гранки се забележуваат на повеќе локации, што дополнително го отежнува движењето.
Граѓаните се советуваат да останат во своите домови додека не дојде до смирување на состојбата.
Фото: прес-материјал од настанот