Силвија Митевска: „Жените не треба да станат подобри мажи за да бидат добри лидери“
Директорката на Sport Social Solutions вели дека квотите отвораат врати, но културата и практиките мора да се променат за вистинска родова еднаквост.

Силвија Митевска, директорка на Sport Social Solutions и експертка за спортска дипломатија, предупредува дека напредокот кон родова еднаквост во спортот во Македонија е ограничен: бројките можеби се подобруваат, но културата и начинот на носење одлуки во многу организации остануваат непроменети.
Митевска појаснува дека проблемот не е во талентот или желбата на жените, туку во очекувањето организациите жените да се прилагодат на веќе постоечките, машки модели на лидерство. „Жените не треба да станат „подобри мажи“ за да бидат добри лидери. Жените можат да бидат лидерки со сопствената автентичност, со различни стилови на комуникација, со соработка, емпатија, слушање и градење консензус – без тоа да значи дека се помалку способни, помалку одлучни или помалку авторитетни,“ вели таа.
Историски корени и непроговорени правила
За да ја постави темата во поширок контекст, Митевска ги поврзува сегашните состојби со долготрајни историски практики. „Спортот историски е создаван во машки доминиран свет – во голема мера од мажи и за мажи. Жените долго време немале еднаков пристап до спортските активности, а немале ни право да учествуваат на Олимписките игри. Дури и кога почнале да се вклучуваат, најнапред им биле „дозволени“ спортови кои се сметале за доволно грациозни и женствени и кои, според тогашните разбирања, не ја нарушувале женската естетика. Тоа ни покажува дека не станува збор само за тоа што денес некој не им дава доволно можности на жените. Станува збор за институции кои со децении се развивале во средина во која машкото учество, машкото тело, машките искуства и машките модели на лидерство биле земани како норма. Самата идеја за тоа што значи да се биде добар лидер/ка во спортот е историски создадена во таква средина. Брзината во донесувањето одлуки, авторитетот, натпреварувачкиот дух, силната самодоверба, способноста да се доминира во просторот – овие карактеристики често се препознаваат како посакувани лидерски квалитети. Секако, ниту една од овие способности не е по природа машка. Но проблемот е што историски биле поврзувани со машкоста и со начинот на кој мажите биле очекувани да се однесуваат во јавниот простор. Затоа, кога една жена влегува во спортска организација, таа не влегува во неутрален простор. Таа влегува во организација чии правила, процедури, култура и претстави за лидерство се развивале со децении во средина во која мажите биле доминантни.“
Во однос на мерките за зголемување на женската застапеност, Митевска предупредува дека квотите сами по себе не ја доведуваат до суштинската промена. „Не. Тие се важни, но не се доволни. Квотите можат да бидат важен инструмент за да се отвори вратата. Но ако само ја отвориме вратата и внесеме повеќе жени, а организацијата остане иста, ние не сме го решиле проблемот. Квотата може да ја промени сликата на една организација, но не мора да ја промени самата организација,“ објаснува таа.
Нивниот пристап, нагласува Митевска, мора да биде системски: формалните правила и законски решенија треба да се надополнат со промени во неформалната култура на организациите. „Треба да се менуваат и формалните и неформалните структури. Формалниот дел е важен – законите, подзаконските акти, стратегиите, статутите, правилниците, квотите. Но, организациите не функционираат само преку она што е напишано во статутот. Тие функционираат и преку непишани правила, навики, очекувања, односи на моќ и организациска култура. И токму тука мислам дека често го заобиколуваме суштинскиот проблем. Може да биде сосема прифатливо една жена да биде гласна, да го каже своето мислење и да биде сигурна во себе. Но, ако нејзиното мислење од другата страна не е прифатено, ако е омаловажено, игнорирано или дури манипулативно искористено против неа, тогаш повторно ја ставаме жената во многу тешка позиција. Таа знае дека има право да зборува, но институцијата во која се наоѓа не ѝ овозможува нејзиниот глас да има вистинска тежина. Затоа родовата еднаквост треба да ја разбираме како холистички процес. Не можеме да ја смениме само формалната структура, а да ги оставиме непроменети културата, практиките и односите според кои организацијата функционира.“
Овој разговор со Митевска е објавен во два дела; вториот дел, посветен на родово‑базирано насилство во спортот, ќе излезе на 4 септември 2026 година.
Фото: прес-материјал од настанот