Почетна
Магазин

Симеон Атанасов: „Немавме клуч од куќата“ — зошто 48-те деца на Есма не се виновни

Симеон Атанасов јавно тврди дека по смртта на Есма во декември 2016 немале пристап до куќата и ги повикува оние што стопанисувале со имотот да дадат одговори.

·Магазин
Симеон Атанасов: „Немавме клуч од куќата“ — зошто 48-те деца на Есма не се виновни

По потресните снимки и фотографии од целосно опљачканата и разурната куќа на Есма Реџепова на Кале во Скопје, еден од нејзините посвоени синови — Симеон Атанасов — преку емотивна објава јавно се обрати до јавноста и ги отфрли жестоките обвинувања упатени кон децата што ги одгледа Есма.

Атанасов нагласи дека по смртта на Есма во декември 2016 година посвоените деца немале пристап до имотот ниту правна можност да одлучуваат за неговата судбина, и повика вината да се бара кај оние кои имале вистинска власт и можност да стопанисуваат со куќата.

Со директен повик тој напиша: „Кога велите ’децата‘, на кого точно мислите? Ние, децата што Есма ги одгледа, воспитуваше и школуваше, по нејзината смрт немавме пристап до куќата. Не сме можеле да влеземе, да земеме, да продадеме или да одлучуваме што ќе се случува со имотот“.

Пет прашања до оние што управувале со имотот

Во објавата тој јавно ги постави следните прашања до оние кои имале фактичка контрола над куќата:

  • Кој имал клуч од куќата?
  • Кој имал пристап до имотот?
  • Кој одлучувал што ќе се случува со вилата?
  • Каде се предметите што биле во куќата?
  • Зошто денес вината се префрла врз децата што немале никаква моќ?

Во продолжение тој додаде: „Есма нè научи на многу работи, а една од нив беше да ја кажуваме вистината. Затоа ова го кажувам последен пат: за наследството нека одговараат оние кои имале право и можност да постапуваат со него. А Есма нека остане она што секогаш била – наша мајка, наша Кралица и наша легенда“.

Домот на Кале, кој Есма сакаше да го остави на македонскиот народ и да го претвори во музеј и хуманитарен центар, остана незаштитен поради имотно-правните спорови меѓу државата и дел од роднините. Денес објектот е целосно разрушен и во него се гледаат расфрлани предмети, скршени прозорци, неисплатени сметки и дури мртовечкиот крст на Стево Теодосиевски — слика што многумина ја сметаат за голем срам.

Под објавата на Симеон, единствената ќерка на Есма (не по крв, туку по љубов) го потврди неговиот опис и го заштити правото на 48-те деца што многумина ги обвинуваат. „Како нејзина ќерка, не по крв, туку по љубов, живот и се што Есма ми даде, чувствувам потреба јасно да кажам: се што е напишано во овој текст е точно. Есма не сакаше, не воспитуваше и се грижеше за нас како за свои. Затоа денес боли кога токму ние, нејзините деца, сме обвинувани за нешто врз кое немавме ниту пристап, ниту право, ниту можност да одлучуваме. По нејзината смрт, ние не можевме да влегуваме во куќата, да земаме предмети, да продаваме или да одлучуваме што ќе се случува со имотот. Затоа е неправедно вината да се префрла врз 48-те деца“. „Јас стојам целосно зад зборовите напишани погоре. Не за да обвинувам некого без докази, туку за да се каже вистината и да престане неправдата кон луѓето кои Есма ги сметаше за свои деца. Прашањата за имотот треба да им се постават на оние кои имале пристап и можност да одлучуваат, а не на нејзините деца. Есма беше наша мајка. Наша Кралица. Наша легенда. И тоа никој не може да го избрише ниту презиме, ниту наследство, ниту туѓи обвинувања. Јас ќе стојам зад вистината, како што таа не научи“.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи