Почетна
Македонија

Сивата економија ја чини државата стотици милиони евра годишно

Анализи и синдикални пресметки покажуваат зголемување на непријавената работа и големи потенцијални загуби за буџетот.

·Македонија
Сивата економија ја чини државата стотици милиони евра годишно

Сивата економија во Северна Македонија секоја година ја лишува државата од стотици милиони евра, иако официјалните статистики регистрираат намалување на невработеноста. Анализите предупредуваат дека зголемувањето на неформалната вработеност, непријавените плати и избегнувањето на јавните давачки го намалуваат фискалниот капацитет и ги загрозуваат работничките права.

Државниот завод за статистика бележи дека во 2025 година невработеноста е намалена за 6,6 отсто во однос на 2024 година, додека бројот на вработени е зголемен за 1,5 отсто. Сепак, учеството на неформалната вработеност расте: во 2025 година имало 94.847 неформално вработени лица, што претставува раст од 11,5 отсто споредено со претходната година. Најголем дел од нив работат во земјоделството, шумарството и рибарството, како и во градежништвото.

„Кога работниците не се пријавени или кога платите се прикажуваат пониски од реалните, државата останува без значителни приходи од даноци и придонеси. Истовремено, работниците губат право на социјална сигурност, пензиски стаж и здравствена заштита“, посочуваат во анализите од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Колку може да донесе формализацијата

Во анализата објавена во синдикалниот весник Трудбеник, се пресметува дека ако над 100.000 неформално вработени лица бидат пријавени на минимална плата, потенцијалниот годишен ефект би изнесувал околу 245 милиони евра. Ако како основа се земе просечната плата, потенцијалниот ефект би достигнал приближно 448 милиони евра годишно. ССМ нагласува дека овие пресметки се илустративни и не претставуваат директни приходи што автоматски би отишле во буџетот, но јасно ја покажуваат големината на средствата што се губат поради неформалноста.

ССМ исто така укажува на проблеми со структурата на платите: околу 73 проценти од формално вработените примаат плата пониска од просечната, додека речиси секој втор работник има месечен приход до 600 евра. Синдикатот тврди дека повисоката минимална плата не треба да се гледа само како трошок за работодавачите, туку и како алатка за намалување на сивата економија и подобрување на животниот стандард.

Истражувањата на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ покажуваат дека сивата економија останува високо застапена: според нивната проценка, во 2020 година учеството на сивата економија изнесувало 23,2 проценти од БДП. Експертите ги означуваат нискиот даночен морал, недовербата во институциите, корупцијата и неефикасната администрација како главни причини. Во јавната дебата се споменуваат и проценки дека сивата економија може да надмине 30 проценти од БДП, што дополнително ја илустрира големината на загубите.

Владата во февруари годинава најави засилени мерки за намалување на неформалната економија. Премиерот Христијан Мицкоски постави цел неформалната економија да се намали од 28,9 отсто на 26 отсто од БДП до крајот на 2027 година.

Пазарот на труд покажува парадокс: активното население во 2025 година изнесувало 796.399 лица, од кои 704.617 се вработени, а 91.782 невработени. Стапката на активност беше 52,5 отсто, стапката на вработеност 46,4 отсто, додека стапката на невработеност изнесува 11,5 отсто. Од вкупниот број невработени, 61,4 проценти се мажи; меѓу вработените, 57,6 проценти се мажи. Во јуни бројот на активни баратели на работа достигна 88.541 лице, додека над 41.000 се евидентирани како пасивни баратели. Речиси 62 проценти од работодавачите пријавиле потреба за нови работници, има преку 10.000 слободни работни места, и во годината се обработиле повеќе од 10.000 барања за работни дозволи за странски работници.

Економистите и даночните експерти предупредуваат дека справувањето со неформалноста бара поефикасни инспекциски контроли, побрза формализација на работните места, повисоки пријавени плати и доследна применa на законите за расчистување на јавните приходи и заштита на работничките права.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи