Почетна
Спорт

Скопје повторно ќе биде домаќин на Европскиот куп во џудо

Над 440 џудисти од повеќе од 40 земји на 4 континенти ќе настапат во Скопје на 19 и 20 септември.

·Спорт
Скопје повторно ќе биде домаќин на Европскиот куп во џудо

Скопје уште еднаш ќе биде домаќин на најдобрите европски и светски џудисти — Европскиот куп во џудо Скопје 2026 ќе се одржи на 19 и 20 септември. Според податоците од Џудо федерацијата на Македонија, досега се пријавени над 440 џудисти од повеќе од 40 држави на 4 континенти.

Тоа е значителен скок во однос на претходниот европски куп во Скопје, кога беа пријавени околу 300 натпреварувачи, што дополнително го потврдува растечкиот интерес кон нашата дестинација како сериозен меѓународен домаќин.

Тежина на натпреварот и очекувања

Натпреварот има и дополнителна важност бидејќи резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри, па многу репрезентации испраќаат јак состав. Меѓу најбројните селекции се Русија, Германија и Италија, секоја со по повеќе од 50 натпреварувачи.

„Слободно можеме да кажеме дека овој натпревар ги надминува сите наши очекувања, бидејќи бројката на натпреварувачи не само што е значително поголема од истиот ваков настан кај нас, туку е поголем и од сите европски купови во било кој град низ Европа. Да додадам и дека своето доаѓање го најавија најдобрите европски и светски џудисти, бидејќи резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри, така што секој ќе настојува да постигне што подобар пласман. Доаѓаат првите луѓе на европското џудо, најавени се веќе шестмина амбасадори кои сакаат да ги следат борбите, така што очекуваме врвен џудо настан“ – вели претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски.

За Џудо федерацијата, турнирот е и потврда за професионалноста и организациските капацитети и претставува можност да се унапреди имиџот на земјата на европската и светската џудо сцена.

Натпреварот ќе трае два дена; во Скопје се очекуваат бројни делегации, тренери и официјални лица кои ќе присуствуваат на борбите и придружните активности.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи