Славјанка Петровска бара надзорна расправа во Собранието за дата-центри
Петровска вели дека не е против дата-центрите, но бара транспарентност поради ризик од корупција и голема потрошувачка на ресурси.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, побара од Собранието да организира надзорна расправа за најавените проекти за дата-центри откако премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека води преговори со потенцијални инвеститори.
Петровска појасни дека не е против самите дата-центри, но дека загрижувањето е поврзано со тајните договори и нејасните одговори што ги добиваат од Владата. Во објава на Facebook таа пишува дека дата-центрите се дел од дигиталната иднина и сајбер-безбедноста и можат да донесат инвестиции и прилики за домашните инженери, но не смеат да се прифаќаат со затворени очи.
Прашања што бараат одговор
Во барањето за надзорна расправа Петровска укажува дека се работи за големи проекти што можат да значат огромна потрошувачка на електрична енергија и вода, користење државно земјиште, даночни поволности, изградба на инфраструктура и долгорочни обврски за државата — елементи кои бараат парламентарен надзор.
Таа предупреди дека „А каде што има големи пари, вредни ресурси и договори зад затворени врати, секогаш постои сериозен ризик од корупција.“ Затоа предложи Собранието да одржи надзорна расправа за најавените дата-центри.
Пратеничката ги наброја прашањата на кои, како што рече, граѓаните очекуваат одговор: кои се потенцијалните инвеститори и според кои критериуми се избрани; колку земјиште, електрична енергија и вода ќе користат; по која цена ќе ги добиваат овие ресурси и кој ќе ја плати потребната инфраструктура; какви даночни и други поволности им се нудат; колку трајни и добро платени работни места реално ќе бидат создадени; и кој ќе гарантира дека трошокот нема да падне врз граѓаните додека профитот останува кај приватните инвеститори.
Петровска додаде дека на надзорната расправа треба да се слушнат и експертите и екологистите. „Никој разумен не треба однапред да биде против дата-центрите. Но секој разумен граѓанин треба да биде против тајни преговори чија сметка на крајот може да ја плати токму тој“, стои во нејзиниот пост на Facebook.
Фото: прес-материјал од настанот


