Случај „Михаилова": зошто судот во Кочани не ѝ дозволува на Ива да замине на лекување во Бугарија?
Судот во Кочани ја побара официјалната здравствена проценка; Софија ја интензивира дипломатската поддршка и го поставува случајот во контекст на владеењето на правото.

Случајот на Ива Михаилова — младата девојка обвинета за „Тешки дела проти безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по сообраќајната несреќа од октомври лани — се пресели делумно и на дипломатско ниво: Софија бара да ѝ биде дозволено да отпатува во Бугарија за терапија, а судот во Кочани сè уште ги одржува изречените мерки.
Медицина, докази и судска постапка
Имајќи во предвид дека во несреќата едно лице го загуби животот а други беа повредени, меѓу кои и обвинетата, нејзината одбрана се повикува на медицинска документација дека предвиденото невролошко лекување не може да се обезбеди во државните или приватните установи во Северна Македонија. Барањето за укинување на мерките — забрана за напуштање на живеалиштето во Кочани и одземање на патните исправи — беше одбиено на Основниот суд во Кочани на 7 август.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија на 14 август соопштија дека нивни претставници се сретнале со мајката на Ива и дека ќе ја користат дипломатската канцеларија за да се постигне позитивно решение од Апелациониот суд. „Г-ѓа Михаилова посочи дека продолжува да се потпира на поддршката од бугарските институции за позитивна одлука од страна на Апелациониот суд во следните неколку дена, што би ѝ овозможило на нејзината ќерка да го добие непходното лекување. Од страна на МНР беа дадени категорични уверувања дека бугарската држава ги користи сите расположиви канали за комуникација со Република Северна Македонија, за да се земат предвид неоспорните хуманитарни аспекти на случајот и Ива да го добие потребниот третман и шанса за максимално закрепнување што е можно поскоро. Случајот е покренат преку официјални дипломатски канали до властите на Република Северна Македонија, со барање за навремено решавање“.
Во образложението на решението на судот меѓу другото се вели дека „…не постои конзилијарно мислење од лекари на ЈЗУ Клинички центар Скопје, ниту од комисија во ФЗОМ дека такво лекување не може да се реализира во здравствените установи, како државни така и приватни, на територијата на РСМ“. Токму тој недостаток на официјална здравствена експертиза беше еден од аргументите за задржување на мерките додека трае кривичната постапка.
Бугарија случајот го постави и во рамка на оценките за владеење на правото кои Европската комисија ги упатува кон Северна Македонија. „Настојуваме Ива Михаилова да добие пристап до навремена и соодветна медицинска грижа, со цел да се избегне реалната опасност од трајни поречености со неповратни последици врз нејзиното право на достоинствен живот", се вели во реакцијата на бугарското МНР, кое порачува дека ќе ги користи сите меѓународни механизми за заштита на своите државјани во странство.
Пред неколку дена и бугарскиот претседател Румен Радев го коментирал случајот: „Бугарија не се меша во судските постапки на други земји, но ние сме непрекинато во контакт со Ива Михаилова, со семејството, со нејзината мајка“, порача Радев и додаде дека „Целокупниот однос кон Ива Михаилова е спротивен со здравиот разум и со елементарните хумани принципи“. Тој им се заблагодарил и на европратениците и на вицепретседателката Илијана Јотова за нивните активности во врска со случајот.
Случајот привлече и други инциденти: двајца бугарски пратеници од партијата „Преродба“ минатиот месец повторно влегле во земјата за да присуствуваат на судење во Кочани и таа ситуација предизвика внатрешна контрола на граничната полиција. Како дополнителен сигнал за вниманието кое го доби предметот, некои бугарски пратеници дури ги замрзнаа своите плати додека трае јавната дебата.
Фото: Фејсбук