Почетна
Свет

СМО: Ел Нињо ќе стане „многу силен“ и може да трае до февруари

СМО предупредува на зголемен ризик од поплави, суши и екстремни горештини; врвот се очекува кон крајот на 2026 година.

·Свет
СМО: Ел Нињо ќе стане „многу силен“ и може да трае до февруари

Светската метеоролошка организација (СМО) на 3 септември 2026 предупреди дека временскиот феномен Ел Нињо во наредните месеци ќе стане „многу силен“ и најверојатно ќе трае до февруари, а неговиот врв се очекува да биде достигнат кон крајот на 2026 година. Организацијата посочи дека ова ќе има „значителни последици врз моделите на врнежи и температури“.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, истакна дека постои зголемен глобален ризик и изјави: "Ел Нињо пред нашите очи прераснува во феномен со супер-димензии. Светот се наоѓа во зона на опасност од ектремни временски настани".

Ризици за земјоделието, здравјето и енергијата

Претседателката на СМО, Селест Сауло, предупреди дека развојот на Ел Нињо го загрозува земјоделието, здравствените системи и снабдувањето со енергија и ги повика службите за цивилна заштита и управување со катастрофи да се подготват.

Британската метеоролошка служба Met Office оцени дека овој Ел Нињо може да биде „најинтензивен“ во повеќе од еден век. Светската програма за храна на Обединетите нации предупреди дека настанот може да предизвика кризи со глад, особено во делови од Централна Америка. Како знак на влошување на состојбата, Хондурас, Панама и Ел Салвадор на крајот на август прогласија тревога поради суша.

Последиците ќе се разликуваат по региони: покрај сушите кои се очекуваат во Австралија, Индонезија и јужна Африка, метеоролозите исто така предвидуваат екстремни горештини и интензивни врнежи со поплави во други области поради промени во ветровите, воздушниот притисок и распределбата на врнежите.

Ел Нињо се јавува кога површинските води во централниот и источниот дел на тропскиот Пацифик се загреваат, што ги менува ветровите, притисокот и врнежите на глобално ниво. Обично се повторува на секои две до седум години и трае од девет до дванаесет месеци, но оваа појава сега се прогнозира како необично силна и ќе влијае на времето и во почетокот на 2027 година.

Фото: Кесон, Филипини)

Поврзани написи