Со милион евра од унгарскиот кредит: Штип почна изградба на нов мост на Брегалница
Мост од 60×7 метри кај Ново Село и обиколница од 3,2 km ќе поврзат сообраќај кон експресниот пат за Радовиш и Струмица.

Во близина на бањата „Кежовица“, во штипското Ново Село, започна изградбата на нов патен мост над реката Брегалница. Заедно со обиколницата на влезот во Штип од правец на Скопје, тој ќе претставува главна сообраќајна врска преку реката за возилата кои се упатуваат кон експресниот пат за Радовиш и Струмица.
Изведба и рокови
Работите ги изведува штипската компанија „Актива“, специјализирана за мостови со железна конструкција. Главниот раководител на објектот, градежната инженерка Анета Максимова, вели дека комплетната изработка и монтажа на мостот треба да се заврши за еден месец.
„Во тек е финалната фаза на железната конструкција, а во исто време во реката и на нејзиниот брег се поставуваат основните столбови на кои ќе се потпира конструкцијата на мостот. Имавме краток застој на работите затоа што инвеститорот бараше мостот да биде на повисоко ниво, бидејќи под него, на пропишана висина, треба да минува постојниот пат за главната штипска депонија 'Трештена скала'. Но, за кратко време и тој проблем се реши“, вели Максимова.
Мостот ќе биде долг 60 метри и широк 7 метри, и ќе има тротоари од двете страни како продолжение на тротоарите кои веќе се градат на патот што води до реката, кон новата станбено-индустриска зона „Пребег“ и местото Плуждино во штипското Ново Село, каде се наоѓа регионалната сообраќајница кон експресниот пат за Радовиш.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, го оцени проектот како значајна локална и регионална врска. „Општина Штип за мостот издвои 1 милион евра, а обиколницата, која треба да ги поврзува двете страни на реката, со сообраќајница во должина од 3,2 километри кај новата станбено-индустриска зона во Штип, ќе чини 2 милиона евра. Средствата се обезбедени од унгарскиот кредит. Пред две години, на оваа локација се изгради и нова препумпна станица за водоснабдување со капацитет да ги задоволи потребите на постојните населби и новите кои се планираат во станбено-индустриската зона 'Пребег'“, вели Јорданов.
Овој е седмиот мост на реката Брегалница на територијата на Општина Штип и е проектиран како патнички мост со потребната носивост за сите патнички возила, автобуси и тешки товарни возила. Од Општина Штип најавуваат дека по завршувањето на овој проект ќе почне изградбата на уште еден мост на другата страна од градот, кој ќе ги поврзува населбите Балканска и Македонка со Баби, Стар Караорман и населените места во Општина Карбинци.
Фото: СДК.МК)


