Со почести тестирања до намалување на ширењето на ХИВ/СИДА
Јули донесе рекордни 11 случаи; здравствените работници повикуваат на пошироко тестирање и зголемување на превентивните вложувања.

Нови 11 случаи на ХИВ/СИДА се пријавени во текот на јули, рекордна месечна бројка во изминатата деценија, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Деветмина од новозаболените се мажи и две жени, на возраст меѓу 20 и 49 години.
Статистиката покажува дека во последните години обично се регистрираат помеѓу 40 и 50 нови случаи на ХИВ/СИДА годишно, односно по 4-5 случаи месечно. Сепак, од јунските податоци не може да се извлече заклучок дали поголемата бројка се должи на зголемено ширење на болеста или на подигнување на јавната свест и почесто тестирање.
Потреба од повеќе тестирања и вложување во превенција
„Во нашата земја се потребни повеќе тестирања за ХИВ, затоа што тоа е еден од начините за спречување на понатамошно ширење на самата инфекција. Податоците се само еден потсетник за тоа колку треба да вложуваме во превенција и навремено тестирање. Колку повеќе вложуваме во превенција, толку помалку имаме трошоци понатаму за лекување и за терапија“, вели Оливера Стојковска, програмска раководителка во ХЕРА.
Буџетот за превентивни активности со години се намалува, па од 800.000 евра во 2019 година, се намалил на 210.000 евра во 2025 година. На сметка на тоа се зголемува буџетот за лекување од ХИВ/СИДА.
Сексуалниот однос без користење кондом и употребата на дрога со исти шприцови и игли се најризични за пренесување на болеста. ХЕРА со години работи на проекти за превенција, како што е бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ/СИДА.
„Денес ХИВ може успешно да се контролира, така што со навремено откривање на вирусот, со навремено вклучување на антиретровирусна терапија, лицата коишто живеат со ХИВ може да имаат долг и квалитетен живот. Денес е достапна ефективна антиретровирусна терапија којашто во нашата земја е достапна бесплатно преку здравствениот систем, така што лицата што редовно ја земаат терапијата може да постигнат недетектибилно вирусно оптоварување и понатаму не може да го пренесат вирусот“, вели Стојковска.
Од 1987 година досега се регистрирани 765 луѓе во Македонија со ХИВ/СИДА. Од нив 141 лице починало, 508 живеат со болеста, а 116 се водат како изгубени за следење, односно иселени од земјава.
Срѓан Стојанчов
Фото: прес-материјал од настанот