Почетна
Македонија

Со распит на градежните вештаци продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Со распит на градежните вештаци во „Идризово“ се продолжува процесот за пожарот во кој загинаа 63 лица; Обвинителството ја завршува изведбата на докази.

·Македонија
Со распит на градежните вештаци продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжи денеска во судницата во „Идризово“ со изведување на градежното вештачење и распит на вештите лица кои го изработиле извештајот.

Вештачењето: системот и мерките не функционирале

На претходното рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, кој во време на изработка на градежното вештачење бил декан на факултетот, изјави дека градежното вештачење „недвосмислено покажало дека во „Пулс“, системот, односно институциите и поединците целосно не функционирале и не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите."

Марковски рече дека тимот од Градежниот факултет со жалење констатирал дека за противпожарна заштита во делот од објектот каде била дискотеката биле преземени нула мерки. Додаде дека пропишни излези за евакуација биле нула, додека според површината капацитетот бил 363 лица, а на критичната вечер имало над 600 посетители.

За ефектите од тие пропусти, Марковски во судот изјави: „Објектот немал каде да диши. Целата температура се задржувала внатре. Ниту една мерка немало преземено која би го олеснила ризикот или ефектите од појавата на пожарот. Напротив одредени мерки само ја мултиплицирале температурата и направиле внатре да биде неподносливо."

Во однос на материјалите кои ги испитувале, Марковски посочи дека едниот е стиропор, што во најдобар случај може да се класифицира како нормално горлив материјал и испушта токсичен чад и горливи капки. „Вториот доставен материјал е тервол или стаклена волна и спаѓа во Класа А2 негорлив материла и е комплетно стабилен до 800 степени целзиусови, не гори и не испушта капки. Од промената на бојата може да се заклучи дека температура во клубот има достигнато минимум 800 степени целзиусови. Како доказ за тоа, ни послужи и тоа што голем дел од челичната конструкција на објектот се извитоперени и деформирани како последица на вака високите температури, а наидовме и на стопени стаклени шишиња што е последица на екстремно високи температури," рече Марковски.

На прашање од обвинителот Дарко Јакимовски, Марковски кажа дека причинско-последичните врски се многубројни и дека, за жал, не нашле податок дека е преземено нешто за намалување на последиците — ниту во вид на материјали, ниту контроли, ниту ангажирање и изработка на прописна документација, ниту ангажирање лиценцирани фирми за пренамена и стручен надзор.

Со ова, како што е најавено, треба да заврши изведувањето на докази од Обвинителството. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени — една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи