Собрание: Дискусија за заштита на децата и национална линија за пријавување CSAM
На 18 ноември пратеници, министерства, обвинителство и невладини организации ќе разговараат за национална линија за пријавување CSAM.

На 18 ноември во Собранието на Република Северна Македонија ќе се одржи дискусијата „Заштита на децата од сексуална експлоатација и онлајн и офлајн злоупотреба: Можности за воспоставување национална линија за пријавување CSAM“, по повод Светскиот ден за спречување и заздравување од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз деца.
Воведни обраќања ќе имаат Јована Тренчевска, пратеничка и претседателка на Клубот на жени пратенички во Собранието; Гонце Јаковлеска, претставничка од Цивика мобилитас; и Лилјана Пецова Илиеска, претседателка на ИМПЕТУС.
За линијата „Ало Бушавко“ ќе зборува Жарко Змијанац, директор на Прва детска амбасада Меѓаши, а онлајн презентација од Меѓународната мрежа на линии за пријавување на материјал со сексуална злоупотреба на деца INHOPE ќе одржи Клои Комсток, објаснувајќи како функционираат линиите за пријавување и меѓународната соработка.
Улоги на институциите и судската перспектива
Во панелот „Од пријава до институционално постапување: Улогите на Министерството за внатрешни работи, јавното обвинителство и институциите за заштита на децата“ ќе говорат Весна Трпевска, началничка на одделение во Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, Министерство за внатрешни работи; Спасенка Андонова, јавна обвинителка во Основно јавно обвинителство – Скопје за гонење на организиран криминал и корупција; Биљана Пејоска Ристеска, виша соработничка за подготовка на тендерска документација за јавни набавки во Министерство за дигитална трансформација; и Емилија Гиноска, советничка за информирање во Агенцијата за заштита на личните податоци.
За „Перспектива на судот: Постапување по предмети поврзани со материјал со сексуална злоупотреба на деца (CSAM) и значењето на навременото пријавување и зачувувањето на доказите“ ќе говорат Даниела Димовска, претседателка на Основен кривичен суд – Скопје и Билјана Коцевска, судијка во Основен кривичен суд – Скопје.
Во рамки на настанот ИМПЕТУС ќе презентира можни механизми и модели за воспоставување национална линија за пријавување материјал со сексуална злоупотреба на деца (CSAM), вклучувајќи модели на соработка со телекомуникациски оператори. Дискусијата се одржува на 18 ноември, ден посветен на спречување и заздравување од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз децата.
Фото: прес-материјал од настанот


