Собранието ја донесе Националната стратегија за безбедност на сообраќајот 2026–2030 и над 40 закони
На 121. седница е усвоена националната стратегија, а опозицијата од СДСМ гласа против пакетот закони поради сомнежи за усогласување на 44 текстови.

Попладнево, на 121. седница, Собранието ја донесе Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 и изгласа повеќе од 40 закони по скратена постапка, со цел усогласување на постојните законски решенија со Законот за високи раководители.
Пакетот беа изгласан без расправа; пратениците од СДСМ гласаа против сите законски текстови. Координаторот Оливер Спасовски образложи дека нивната пратеничка група не дава поддршка затоа што, рече, со предложените 44 закони се врши усогласување за конкретни лица кои раководат со институции и кои немаат специфично образование во областа. Како што рече, ова не е никаква реформа туку крајно несериозен пристап на Владата и министерот за јавна администрација.
„Дигнитетот на Собранието се чува и со ставање потпис на тоа што го предлагате во Собранието и кога ќе ставите потпис на нешто треба да стоите зад таа работа. Заради овој несериозен однос на Владата односно министерот за јавна администрација кој бега од Собранието на усогласување на законите и затоа што немаме никаква реформа, СДСМ и коалицијата гласаат против за сите законски текстови,“ рече Спасовски.
Што предвидува стратегијата
Националната стратегија е рамка за интегрирани мерки и активности насочени кон намалување на бројот на жртви и повредени во сообраќајни незгоди и кон создавање безбедна, ефикасна и одржлива патна инфраструктура. Со неа се поставуваат темелите за долгорочна, научно заснована политика за намалување на ризиците во сообраќајот.
Во образложението на законскиот текст се наведува дека преку континуирано следење на воспоставени индикатори, модернизација на инфраструктурата и обновување на возниот парк, како и преку координирани активности на институциите, се создава основа за намалување на бројот на жртви и сериозни повреди за најмалку 50 проценти до 2030 година, во согласност со европските цели.
Стратегијата е изготвена врз основа на анализа на тековната состојба и ја следи рамката на Европската Унија за безбедност на патиштата 2021–2030 и принципите на Safe System, со акцент на заштита на пешаците, велосипедистите и другите ранливи учесници. Документот предвидува интегриран пристап кон планирањето на транспортот, урбанизмот и животната средина, промовирајќи рационално користење на просторните ресурси и намалување на зависноста од моторните возила.
Фото: прес-материјал од настанот


