Собранието ја продолжи кризната состојба за нафта до 20 април 2027, ДДВ за дизел продолжува до 20 октомври
Со 70 гласа „за“ Собранието ја продолжи кризната состојба; намаленото ДДВ за дизел е продолжено до 20 октомври.

Со 70 гласа „за“ и без гласови „против“ и „воздржани“, Собранието ја усвои одлуката за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 април 2027 година.
Владата: ризиците за снабдувањето остануваат
Во образложението доставено до Собранието, Владата наведува дека причините за прогласување на кризната состојба се непроменети и дека ризиците и опасностите од можни нестабилности сè уште не се надминати. Со ова се продолжува мерката што беше изгласана на 20 јули годинава, чија важност истекува утре.
На почетокот на овој месец, Групата за процена на ризици и опасности ги разгледала состојбите со снабдувањето со стратешки енергенси. Поради постојни закани од пореметувања на пазарот и евентуални пречки при увозот на нафта и нафтени деривати, Групата препорачала преку Управувачкиот комитет до Собранието да се достави предлог за продолжување на кризната состојба со цел заштита на снабдувањето на населението.
Премиерот Христијан Мицкоски пред околу десетина дена најави дека кризната состојба ќе биде продолжена за уште шест месеци. Тој додаде дека доколку состојбата на меѓународните пазари се смири и ризиците за снабдување исчезнат, кризната состојба ќе биде укината.
Собранието претходно двапати ја продолжи кризната состојба откако беше воведена по случувањата на Блискиот Исток, кои предизвикаа нарушување на снабдувањето на меѓународните пазари. Со продолжувањето на мерката Владата ќе може координирано да управува со состојбата и да спроведува мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси.
Утре истекува и мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто, која Владата ја донесе за да влијае врз малопродажните цени на горивата и да ублажи надворешните ценовни притисоци. Таа мерка е продолжена до 20 октомври.
Фото: прес-материјал од настанот


