Сојуз на борци од Тетово против именување улица по Џафер Сулејмани
Сојузот на борци бара повлекување на предлогот за улица со името Џафер Сулејмани поради неговата улога за време на окупацијата и пост-воена пресуда.

Сојузот на борци од Тетово побара градските власти итно да го отфрлат предлогот за именување на улица со името Џафер Сулејмани, бидејќи според нивниот извештај предлогот не ги прикажува сите значајни историски факти од неговата биографија и ја отвора можноста за рехабилитација на лица поврзани со фашистичката окупација.
Ветераните ги прегледале двете листи со над 200 имиња и посочиле дека во официјалните предлози Сулејмани е претставен како „истакнат лекар“, што, според Сојузот, не ја отсликува целосната историска одговорност.
Обвинувања за улога за време на окупацијата
Од Сојузот посочуваат дека тој бил назначен за градоначалник на тетовската општина во време на фашистичката окупација во 1941 година. Ја наведуваат и епизодата дека "Џафер Сулејмани во јули 1943 година во окупирано Тетово го пречекува фашистичкиот генерал и вицекрал Алберто Париани со највисоки градски почести и леб."
Во соопштението се наведува и дека периодот на окупација бил време на страдање на недолжните граѓани, спроведување репресивни политики, пропаганда и милитаризација. Како дел од потсетувањето се наведува и ликвидацијата на семејството Кузмановски од Тетово: вечерта на 7 јуни 1943 година, во очи на свадбата на ќерката Марица, семејството загинало во својата куќа од окупаторска балистичка банда.
Сојузот исто така нагласува дека "Џафер Сулејмани по ослободувањето бил правосилно осуден од надлежен суд."
Во соопштението за јавноста, Сојузот на борците од НОАВМ оценува дека именување улица во слободна и суверена Македонија со името на градоначалник од времето на фашистичката окупација би било чин против државата и груб обид за рехабилитација на оние кои се огрешиле против народот.
Претседателот на Работната група за именување улици во Тетово, Алби Ќамили, ги бранеше предлозите и рече дека новите имиња ја одразуваат реалноста и историјата на Тетово, како и етничките заедници кои живеат во градот. Тој најави дека процесот наскоро ќе биде заокружен со целосно и институционално одржливо решение.
Фото: Kiril Simeonovski / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)