Средбата на министрите за надворешни работи на Г-7 преместена од Марсеј во Париз
Средбата на 9 и 10 ноември ќе се одржи на Кеј д'Орсеј заради поклопување со Парискиот мировен форум.

Средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум (Г-7), планирана за понеделник и вторник, ќе се одржи во Париз наместо во Марсеј, со цел да се олесни учеството на францускиот министер за надворешни работи на Парискиот мировен форум.
Според информации до делегациите, состанокот ќе се одржи во зградата на француското Министерство за надворешни работи на Кеј д'Орсеј, наместо во палатата „Фаро" во Марсеј.
Кои ќе учествуваат и кога
Франциското министерство претходно соопшти дека Жан-Ноел Баро ќе претседава со средбата на 9 и 10 ноември во палатата „Фаро". „Оваа втора официјална средба, организирана во рамките на француското претседателство со Г-7, ќе им овозможи на министрите да ги координираат ставовите за главните актуелни прашања од надворешната политика, особено за решавањето на меѓународните кризи", стоеше во соопштението.
Во истиот текст се наведуваше дека ќе учествуваат министрите од Г-7 и претставници на шест партнерски земји – Саудиска Арабија, Египет, Јужна Кореја, Кенија, Бразил и Украина. Француското претседателство со Г-7, во која членуваат Германија, Велика Британија, Канада, Италија, Јапонија, САД и Франција, завршува на крајот на годинава, по што претседателствувањето ќе го преземат САД.
Според испратените информации до учесниците, преместувањето е образложено со „логистички и оперативни причини". Во документот се наведува дека организирањето на средбата на Г-7 и на Парискиот мировен форум на речиси ист датум бара значително ангажирање на персонал, опрема, безбедносни служби, сместувачки капацитети и транспорт за делегациите. Парискиот мировен форум е закажан за 10 и 11 ноември во палатата „Шајо" во Париз.
Дипломатски извори велат дека делегациите биле известени во средата вечерта. И двете настани биле закажани уште пред неколку месеци и до почетокот на неделава немало индиции за промена. Француските безбедносни служби се под силен притисок од септември поради континуираното студентско протестно движење, кое прерасна во пошироки демонстрации; протестите на 17 октомври во неколку француски градови, меѓу кои и Марсеј, завршија со масовни немири, грабежи и судири со полицијата.
Фото: прес-материјал од настанот


