ССМ: Синдикалната потрошувачка кошничка во ноември изнесува 70 827 денари
ССМ: Синдикалната минимална кошничка во ноември изнесува 70 827 денари; владината вредност е 59 149 денари.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошничка за ноември изнесува 70 827 денари, што е зголемување од 469 денари во однос на претходниот месец, кога изнесуваше 70 358 денари.
Во пресметката на ССМ се наведува дека ако четиричлено семејство живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребните месечни средства за покривање на основните животни трошоци во ноември достигнуваат 86 202 денари.
„Трошоците за живот продолжуваат да растат, а платите сѐ потешко ги следат. За работниците, секое ново поскапување значи помалку пари за храна, сметки и основните потреби на семејството. Не е доволно платата да се зголеми на хартија, ако секој месец во продавница работникот може да купи сѐ помалку“, велат од ССМ.
Главни ставки
Според ССМ, најмногу пари семејствата трошеле за храна и пијалаци — 25 902 денари. За образование во ноември биле потрошени 7 192 денари. За облека и обувки едно четиричлено семејство месецов трошело 6 684 денари, а за рекреација и култура 6 592 денари.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја претстави вредноста на потрошувачката кошничка што ја изготвува Владата и таа изнесува 59 149 денари — за 942 денари или 1,6 отсто повеќе во споредба со септември. Разликата помеѓу синдикалната и владината кошничка е повеќе од 11 000 денари.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ја критикуваше методологијата и намерите на Владата во гостување во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.
„Фасцинантно е како водеа 12 месеци борба против статистичка операција како синдикалната минимална кошница која им покажува дека лошо се живее во Македонија и пресметаа далеку понизок износ дека им е потребен на граѓаните, односно на работниците или на четиричлено семејно домаќинство за живеење по нивните стандарди. Но, фасцинантно е тоа што дури почнаа и на истиот датум да ја објавуваат со цел да елиминираат некакви појави кои тие сметаат дека се недобри за веројатно кредибилитетот или рејтингот на Владата и на власта. Тоа што фасцинира е што нивната е за 1 000 денари повисока во пресметката – вредноста на синдикалната минимална кошница се зголемува за некаде околу 500 денари, што покажува дека дури уште потешко се живее во Македонија според владината пресметка“, рече Трендафилов.
„Да го потрошеа тоа време и таа енергија за зголемување на платите, денеска немаше да има потреба да разговараме за никакви кошници затоа што ќе можевме да си ги дозволиме. Вака работниците и граѓаните не можат ниту тие да си ги дозволат и мислам дека е несериозен ваквиот нивен пристап, а особено знаеме дека еве веќе втора година одбиваат да ја зголемат минималната плата која остана не да тапка во место, туку потонавме, потонавме на дното“, додаде тој.
Фото: Принтскрин


