ССНМ: Одлуката за тоа кои прашања се релевантни не е во надлежност на владините пи-ар служби
ССНМ повикува на отворена и професионална комуникација, потсетувајќи дека пи-ар службата нема право да одлучува кои прашања се „релевантни“.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) предупреди дека пракса каде што владините служби селективно одговараат или не одговараат на новинарски прашања, како и ограничувањето на пристапот до информации од јавен интерес, ја загрозува транспарентноста и слободата на медиумите.
„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија со загриженост констатира дека се појавува пракса во која Владата систематски одбива да одговара на новинарски прашања и го ограничува пристапот до информации од јавен интерес. Истата се повтори и на вчерашниот настан на кој владиниот пи-ар одговараше селективно на новинарски прашања. Обврска на Владата е да комуницира транспарентно со јавноста. Молкот не смее да биде политика, а новинарските прашања не смеат да останат без одговор. На овој начин новинарите не можат да добијат верификација на информациите кои ги бараат, а прес-конференциите не смеат да се претворат во монолози без простор за прашања“, соопштија од ССНМ.
Потсетување на обврските на пи-ар службата
ССНМ потсетува дека пи-ар службата на Владата има јасна обврска да одговори на секое новинарско прашање – без право да толкува дали прашањето „заслужува“ одговор или не. Одлуката за тоа кои прашања се релевантни не е во надлежност на владините комуникациски служби – тоа е во надлежност на новинарите, медиумите и јавноста.
Синдикатот дополнително побара од владините претставници задолжени за комуникација со медиумите да се однесуваат со почит и професионализам, да избегнуваат селективни одговори и да обезбедат услови за редакциска верификација на информациите.
ССНМ инсистира Владата итно да воспостави редовна и отворена комуникација со медиумите, да овозможи пристап до информации од јавен интерес и да ги почитува стандардите на медиумската слобода загарантирани со Уставот.
Фото: Слободен печат - Драган Митрески