Станари од Кисела Вода: три години во зграда без технички прием, пожарот ги натера да бараат одговори
Пожарот зад зграда на „Иван Козарев“ 6 ја истака недостапноста на противпожарните мерки и правниот статус на становите поради непостоечка техничка приемка.

Станарите на четирикатница на улица „Иван Козарев“ број 6, кај Чешма во општина Кисела Вода тврдат дека веќе три години живеат во зграда на која не е извршен технички прием, нема имотни листови и нема правна сигурност дека становите што ги користат се нивна сопственост.
Според станарите, последниот инцидент — пожар што избил зад објектот пред два дена и најмногу го зафатил станот на приземјето — ги натера да јавно проговорат за долготрајните проблеми со безбедноста и правниот статус на објектот.
"Почнавме да се вселуваме во 2024 година и покрај тоа што технички прием на зградата не е извршен, не е целосно готова во внатрешниот дел. Инвеститорот веројатно има некој спор со Општината, не сака да викне технички прием. Ние моравме да се вселиме, немавме друг избор, затоа што тој престана да ни плаќа кирија нам, на соинвеститорите, тројца сме на ова земјиште. Се вселија и други станари што си ги купија становите, а беа принудени да живеат под кирија и да отплаќаат кредити," вели Александра Магдинчева, една од станарите.
Недостаток на противпожарна опрема и блокиран пристап
Станарите велат дека инвеститорите — според нив, скопските фирми „Боминг, Оливер и други“ и „Техногруп“ — ја оставиле зградата без основни противпожарни мерки: нема хидранти, подземниот паркинг не е пуштен во употреба, а влезната врата е обична врата за која самите станари морале да си направат клучеви бидејќи во влезот почнале да се собираат наркомани.
Тие додаваат дека во простор што според проектот требало да биде премин за заедничко користење е направен и продаден стан. "Најголем криминал е направен што немаме премин зад зградата, затоа што во просторот предвиден за заедничко домување, инвеститорот направи стан и тој стан е продаден. Немаме никаков пристап во тој дел и, ете, завчера изби пожар одзади и најмногу е зафатен станот на приземје каде што требаше да биде преминот. Пожарникарите немаа од каде да пристапат, влегоа од кај комшиите, тие им отворија врата," објаснува Магдинчева.
Поради отстапувањето од проектот за кој е издадена дозвола за градба, според станарите не може да се изврши технички прием и затоа не може да се издадат имотни листови. Тоа значи дека оние што отстапиле земја за стан или го купиле станот формално не можат да ги продаваат или да ги остават во наследство. Станарите, исто така, тврдат дека сметките за струја и вода им пристигнуваат по број на стан, а не на име; една жена ја исклучиле заради долг од инвеститорот кон ЕВН и откако не ѝ ја вклучиле, била приморана да се исели.
Дел од станарите се во судски спорови со инвеститорот поради неплатени кирији и незавршени работи, но им било кажано од адвокати дека не можат сами да го натераат инвеститорот да бара технички прием. Станарите велат дека дозволата за градба е добиена во април 2021 година, а зградата требало да биде завршена во февруари 2023-та.
И покрај повеќекратните пријави до Општина Кисела Вода и други институции, станарите велат дека на терен не излегол инспектор и дека добиле само ветувања. "Ни рекоа 'фала што пријавивте' и толку, ниту некој дојде потоа да провери ни ништо. Едноставно не реагираат," се пожали Магдинчева. Станарите бараат итна инспекција за противпожарна заштита и градежна усогласеност пред да се повтори сличен инцидент.
Фото: Приватна архива на станари