Почетна
Спорт

Стартува 6. сезона на „Ракомет За Секое Дете“

Кампањата „Време е за ракомет!“ нуди демо-тренинзи и турнири за деца од 6 до 13 години во Скопје и Велес.

·Спорт
Стартува 6. сезона на „Ракомет За Секое Дете“

Со почетокот на новата учебна година започнува и шестата сезона на проектот „Ракомет За Секое Дете“, која во септември ќе реализира отворени демо-тренинзи и натпревари на повеќе локации во Скопје и Велес.

Кампањата ќе се спроведува под слоганот „Време е за ракомет!“ и има за цел да ги запознае децата на возраст од 6 до 13 години со ракометот, да ги повика во сала, да им помогне да стекнат нови пријателства и преку игра да ги почувствуваат вредностите на спортот.

Што вклучува проектот

Проектот стартуваше во 2021 година и денес функционира преку три сегменти: школо за ракомет во Скопје и Велес, „Јуниор Куп“ — турнирски систем во мини-ракомет, и меѓународниот ракометен камп „40х20“, кој секое лето се одржува во Охрид. Во изминатите сезони проектот опфати стотици деца.

–  Ракометот во Македонија со години е спорт број еден, што го потврдуваат резултатите на клубовите и националниот тим. Но, не смееме да бидеме задоволни само со тоа. Ако сакаме ракометот да има иднина, мора да бидеме присутни таму каде што се децата, во маалата, парковите и на отворените игралишта.

–  Навиките на децата се променија. Денес конкуренцијата за нивното слободно време е огромна и затоа спортот мора да најде начин да им стане повторно интересен. Нашата прва задача е да ги внесеме во сала, но уште поважно е да создадеме средина во која тие ќе сакаат да останат.

„Ракомет За Секое Дете“ не е проект чија основна цел е производство на репрезентативци. Ако од нашите редови излезе врвен спортист, секако дека ќе бидеме горди. Но, за нас успех е и дете кое ќе научи да функционира во тим, да ги почитува другите, да има дисциплина, да се дружи и да расте во здрава спортска средина. Од оваа сезона, „Јуниор Куп“ го отвораме и за школи и екипи надвор од проектот, за деца родени во 2017 година и помлади. Целта е децата од најрана возраст да имаат можност во текот на годината да одиграат доволен број натпревари, со што ќе се поттикнат нивната анимација, натпреварувачкиот дух и желбата за напредок, но и ќе се овозможи проверка и надградување на веќе стекнатите знаења.“ – вели Горан Ѓорогоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“.

Настаните ќе бидат отворени за сите заинтересирани деца и ќе се одржуваат на повеќе локации во Скопје и Велес. Организаторите повикуваат: „Време е за нова сезона. Време е за нови деца. Време е за ракомет!“

Спортски поздрав,

Горан Ѓорогоноски
Координатор на проектот „Ракомет За Секое Дете“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи