Стејт департмент одобри можно доставување опрема за одржување на Ф-16 на Украина вредна 621,9 милиони долари
Пакетот, финансиран од JUMPSTART донатори, вклучува уреди активирани со експлозивно полнење, лабораториска опрема и транспортна логистика.

Американскиот Стејт департмент го одобри можниот трансфер на опрема и услуги за одржување на борбените авиони Ф-16 на Украина, со проценета вкупна вредност од 621,9 милиони американски долари.
Во соопштението се појаснува дека набавката ќе биде финансирана преку мултинационалната програма JUMPSTART, чијшто пакет на средства го обезбедиле Белгија, Данска, Холандија и Норвешка, а тоа значи дека во овој трансфер нема да се користат американски државни средства.
Пакетот за којшто аплицирала украинската влада ги опфаќа уредите активирани со експлозивно полнење, лабораториска опрема и логистичка поддршка за транспорт. Овие ставки ќе бидат додадени на веќе реализиран договор чија вредност била под прагот за известување до Конгресот на САД.
Од Стејт департментот наведуваат дека предложената продажба ќе ги подобри капацитетите на Украина за справување со тековните и идните закани, преку дополнително опремување за спроведување мисии за самоодбрана и регионална безбедност, со помош на посилен систем за воздушна одбрана.
За изборот на главниот изведувач ќе се спроведе конкурентна постапка од Владата на САД. Реализацијата нема да бара испраќање дополнителни претставници на Владата на САД или на изведувачите во Украина, ниту пак негативно ќе влијае врз одбранбената подготвеност на САД.
„Предложената продажба ги поддржува надворешнополитичките цели и целите за национална безбедност на САД, преку зајакнување на безбедноста на една партнерска земја“, пишува во соопштението.
Фото: прес-материјал од настанот


