Струмица меѓу најзагадените реки во Македонија
УХМР: фосфати, нитрити и фекалии се главни забелешки; пониски водостој и земјоделство го зголемуваат притисокот.

Според компаративните анализи на УХМР, реката Струмица се вбројува меѓу најзагадените реки во земјата. Во нивните мерења како најпогодени хидролошки места се издвојуваат Црна Река кај Скочимир и реката Струмица кај Ново Коњарево, каде лабораториите детектираат зголемени концентрации на хранливи материи — особено фосфати и повремено нитрити.
Извори на притисок: фекалии, земјоделство и пониски водостој
Жителите одоколу ги поврзуваат тие анализа резултати со конкретни човечки извори. Фекалното загадување често потекнува од населени места без соодветна канализациска мрежа, од испуштање на отпадни води или од недоволен третман. Во земјоделските области дополнителна тежина на водите се должи на хранливите материи и хемиските средства што се користат и кои отекуваат од обработливите површини.
„Па, реката е релативно загадена, мислам дека голем дел од фекалиите од тие села што гравитираат дали директно или индиректно влегуваат во неа. Јас на таа возраст кога бев како дете, знам дека во таа река имаше многу видови на риба, сега многу малку. И тие доаѓаат одвреме-навреме по течението на реката Струма, дали доаѓаат на мрестење или не, не верувам дека нашата вода е поволна за да бидат тука“, сведочи Трендафил Златинов, жител на Ново Коњарево.
Течението на Струмица на излезот од селото Ново Коњарево е на само околу 100-тина метри од границата со Република Бугарија, каде што реката продолжува. Кога во реката има помал водостој, загадувањето не исчезнува — напротив, помалиот волумен ја намалува способноста за разредување на загадувачите.
„Климатските промени можеби не го создаваат загадувањето на реката Струмица, но можат да ги засилат последиците од веќе постојното загадување. Кога во реката има помалку вода, нејзиниот капацитет да ги разреди загадувачите е помал. Во исто време, земјоделството има поголеми потреби за вода, особено во сушни периоди. Така се создава дополнителен притисок врз истиот ограничен ресурс“, велат од „Еко свест“.
Заштитата на Струмица затоа не е само прашање на отстранување на загадувачите: потребни се подобрувања во канализациската инфраструктура, третман на комунални отпадни води, поодржлив пристап кон користење на водата во земјоделството и мерки за прилагодување на влијанијата од климатските промени.
Фото: прес-материјал од настанот


