Струшкото село Радожда повеќе од еден месец е без јавен превоз, Општината бара нов превозник
Над 600 жители останаа без редовна линија; општината информира дека е поднесено барање за лиценца.

Струшкото село Радожда повеќе од еден месец останува без организиран превоз до градот Струга, што им го отежнува пристапот до работа, здравствена услуга и секојдневни обврски на над 600 жители.
Дел од домашнините велат дека во селото сега доаѓа камионет двапати дневно само за учениците, обезбеден од друг превозник, но дека за работниците, за старите и за оние кои треба да одат на лекар нема редовна линија.
Жителот Градимир Нестороски ја опиша ситуацијата и начините на кои луѓето се снаоѓаат: „Оние што одат на работа се организираат со коли, некои чекаат некој да ги земе. Има луѓе кои работат и мора да стигнат на работа, има болни, стари, пензионери кои треба да одат на лекар. Гледам жени кои чекаат некој да ги пренесе на работа, стари луѓе кои треба да одат на лекар, а немаат превоз. Срамота е во 21 век да немаме јавен превоз. Радожда сепак е туристичко место, но ако продолжи ова, за десет години ќе станеме само викенд-населба. Поради вакви и слични проблеми луѓето се иселуваат,” вели Нестороски.
Жителите бараат стабилна линија
Според жителите, во селото во моментов има само 30 деца од прво до деветто одделение, а во секоја куќа просечно живеат по двајца луѓе, што, според нив, ја покажува депопулацијата. Претходно постоел превоз на секои час и половина до два часа, но сега луѓето мора да се организираат сами или да бараат превоз од соседи.
Од Општина Струга велат дека преземаат активности за враќање на линијата и дека „Во текот на денешниот ден, превозник поднесе барање за издавање лиценца за вршење општински линиски превоз на патници на релација Радожда-Струга и обратно. По добивањето на потребната документација од Општина Струга и завршувањето на соодветната постапка, превозникот веднаш ќе отпочне со одржување на линијата Радожда-Струга и обратно. Општина Струга останува посветена на обезбедување редовен и функционален јавен превоз за граѓаните, особено за жителите на населените места во општината.”
Жителите велат дека не бараат дополнителни погодности, туку само редовен и предвидлив превоз кој ќе им овозможи да оди на работа, до лекар и да ги решаваат секојдневните обврски без да зависат од случајни превози.
Фото: СДК.МК)


