Почетна
Македонија

Студентите останаа без бесплатен превоз откако ЈСП блокираше картички

Студентите бараат итно усогласување на податоците и пристап до дигиталните пасови поради блокирани картички.

·Македонија
Студентите останаа без бесплатен превоз откако ЈСП блокираше картички

Голем број студенти во Скопје останаа без пристап до бесплатен јавен превоз откако физичките студентски картички беа блокирани, што им го онеможи и активирањето на дигиталните билети во апликацијата „SkopjeBus“, реагираат студентски групи на социјалните мрежи.

Проблемот, според информациите, настанал поради ненавремено усогласување на податоците меѓу ЈСП Скопје и универзитетите, иако дел од студентите го доставиле потребното уште во октомври. Како што е пријавено, многумина дознале дека картичките не им функционираат дури при влегување во автобус; за само еден ден 808 студенти пријавиле дека немаат пристап до бесплатниот превоз.

Студентите бараат итно усогласување и ажурирање на податоците од страна на ЈСП и универзитетите, овозможување пристап до дигиталните пасови и да не се казнуваат студенти за административни и технички пропусти за кои не се одговорни.

Одговор на ЈСП Скопје

Од ЈСП Скопје го отфрлаат како неосновано припишувањето одговорност на претпријатието за сите пријавени потешкотии и нагласуваат дека преминувањето на дигитален пас не го укинува правото на бесплатен студентски превоз.

„ЈСП постапува исклучиво врз основа на официјални и проверени списоци доставени од овластените лица определени од УКИМ, Универзитетот „Мајка Тереза“ и останатите универзитети, односно факултети. Потврдувањето на студентскиот статус и точноста на доставените податоци се во нивна надлежност.

При проверките се утврдени погрешни адреси на е‑пошта, обиди за инсталиране на истиот пас на два уреди, што доведува до негово блокирање, како и паралелно користење дигитален пас и електронска картичка. Блокирањето на досегашните картички служи и за спречување двојно користење и можни злоупотреби“ – нагласува ЈСП Скопје.

ЈСП додава дека бројот на пријави сам по себе не ја докажува причината ниту одговорноста за потешкотиите и дека е достапно за нивно разрешување во соработка со факултетите. „Заклучоците за одговорност мора да се темелат на проверени факти“, стои во соопштението.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи