Студентската листа во Белград: надеж за правда и тежок испит за влада
Со околу 140 пратеници, студентското движење мора брзо да формира влада и да започне реформи додека јавниот притисок е силен.

Пред 26 години падот на Милошевиќ донесе надеж за поинаква Србија; таа надеж денес ја носи генерација која тогаш не била ни родена. По изборниот пораз на Александар Вучиќ, улогата на носител на очекувањата ја презеде Студентската листа, создадена околу активизмот на Филозофскиот факултет во Белград.
Првиот испит: формирање на влада
Филозофскиот факултет, меѓу студентите познат како „Генералштаб“, постепено се враќа на студентскиот секојдневен ритам — уличните протести се заменуваат со пријави за испити. Но вистинскиот, потешкиот дел следи: како изборната победа ќе се претвори во трајно управување.
Со околу 140 пратеници кои им обезбедуваат комфорно мнозинство, клучното прашање е како тоа мнозинство ќе функционира во пракса. Движењето ги обединува луѓето со различни уверувања и многумина без политичко искуство, па внатрешните преговарања околу ресорите и составот на новата влада веќе се во тек.
„Ова ќе биде првиот тест за студентската листа – да избере нова влада и да не ги чека тие 90 дена,“ вели Александар Ивковиќ од Центарот за современи политики. „Јас мислам дека тоа не би било добро за нив, бидејќи моментално во државата се случува сè и сешто и важно е новите власти да преземат одговорност што побрзо. Колку што слушаме, моментално внатре во студентското движење владеат преговори и договори околу тоа кој точно ќе ја сочинува новата влада и кој ќе добие кој ресор. Мислам дека и тие се свесни за одговорноста и големите очекувања кои постојат, и мислам дека ќе побрзаат со тоа сепак до крајот на оваа година, на пример, да се избере нова влада во Србија. И мислам дека таа во некој прв период, особено додека постои уште некое чувство во јавноста дека доколку направат голема грешка, тоа евентуално ќе му овозможи на Вучиќ да се врати или да се ослободи од одговорност и така натаму, сè додека постои тој притисок од јавноста, мислам дека тие ќе се трудат да работат ефикасно и што е можно подобро.“
Ивковиќ потсетува дека Студентската листа во последната недела од кампањата објави подетална програма со мерки против корупцијата, и реформи во правосудството, образованието, економијата и енергетиката. „Тие планови веројатно ќе се преточат во програма на новата влада, односно експозе на мандатарот кога таа влада ќе биде избирана, и мислам дека тие ќе почнат да се водат според тие точки, така што ќе можат да функционираат во смисла на ориентација, ќе имаат конкретни цели пред себе. Е сега, дали ќе бидат доволно политички вешти да се зафатат со сите проблеми кои при примената на тие реформи сигурно ќе настанат, со некој отпор во институциите кој сигурно ќе се случи, тоа е отворено прашање и тоа ќе мораме да го видиме,“ анализира Ивковиќ.
Реформи се оценуваат како неопходни за да се продолжи, засега стопираниот, пат кон Европската Унија — особено владеење на правото и независноста на судството и обвинителството. Во надворешната политика, меѓу големите отворени прашања се Косово, односот кон Русија и прашањето на санкциите, како и нарушените односи со соседи, пред сè Хрватска.
Новиот состав на власт го зафати и пропаѓањето на Алта банка: експозитурата во Белград е затворена, сопственикот е притворен, а последиците се чувствуваат и во Македонија — Алта банкa, која ја купи Стопанска банка Битола, е ставена под принудна управа на Народната банка.
Една од најголемите задачи ќе биде расчистување со партиските мрежи во државните институции. Истражувачкиот новинар Саша Драгојло, кој објави интервју со долгогодишниот оперативец на СНС Момчило Марјановиќ, вели дека признанијата го разоткриваат системот на клиентелизам и организиран притисок што ѝ овозможувал на партијата да опстои на власт. „Мислам дека интервјуто на Момчило Маријановиќ практично го демонтираше целокупниот тој партократски систем на СНС, тој практично од прва рака зборуваше за она што тој лично го правел и со луѓето со кои го правел тоа, и потоа практично покажа како се испумпуваат пари од јавните претпријатија, како се купуваат гласови што е кривично дело, како со физичко насилство и закани луѓето се принудуваат да излезат на тој ден на гласање. Опишуваше практично сè од задачите кои ги имале, вклучувајќи и кога лично бил присутен кога се организирани нападите на тие луѓе врз полицијата, за студентите и граѓаните кои тогаш опозициски протестираа да бидат обвинети, а потоа тоа да биде спинувано во пропагандните медиуми,“ вели Драгојло.
Драгојло додава дека системот на Српската напредна странка, како клиентелистичка мрежа без јасна идеологија, полека се распаѓа, но дека процесот е транзициски: веќе се појавуваат апсења и кривични пријави, додека други во системот се обидуваат да се прилагодат на новата власт и да си ги „исчистат биографиите”. „Со оглед на тоа што Српската напредна странка е една клиентелистичка мрежа без јасна идеологија, ние гледаме дека нивниот систем полека се распаѓа. Ова е дури прва недела по изборите, сè уште е транзициски период, новата власт нема ни преземено контрола над системот, а ние веќе гледаме дека постојат бројни апсења, бројни кривични пријави кои се поднесуваат и дека обвинителството отвора истрага. Во овој момент некои луѓе во системот се чувствуваат ослободени да покренуваат истраги, додека други луѓе од системот се обидуваат да ѝ се наметнат на новата власт и да си ги исчистат своите биографии,“ вели Драгојло.
За семејствата кои бараат одговорност по трагедиите, политичката промена носи длабока лична надеж. Дијана Хрка, која го загуби синот во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и која протестираше пред Републичката скупштина, вели: „Поминав пекол, пак би поминала само да го истерам ова до крај“. Тaa очекува новата власт да почне со менување обвинители, судии и раководни структури во полицијата. „Очекуваме прво да се формира влада и секако ќе мораме да ги смениме и обвинителите, и судиите, и полицијата, тука има многу, многу работа. Ќе биде многу тешко, ова нема да биде воопшто лесно, и на луѓето кои доаѓаат сега ќе им биде многу тешко. Јас мислам дека тие луѓе нема да знаат од каде треба да почнат, толку сè е упропастено. Ќе оди бавно, но се надевам дека ќе биде праведно, правично и дека ќе го истераме ова до крај,“ ѝ е јасна Хрка.
На ѕидовите на факултетот се уште е ликот на Зоран Ѓинѓиќ — потсетник на претходната надеж за поинаква Србија и на премиерот чиј живот заврши со атентат. Постои прашањето што ги мачи повозрасните: дали овојпат изборната победа може да донесе трајна промена, или повторно ќе се претвори во ново разочарување. Одговорот ќе зависи од тоа колку брзо и колку ефикасно Студентската листа ќе ги преточи очекувањата во конкретни реформи и одговорност.
Фото: прес-материјал од настанот


