Студентски протести во Брисел прераснаа во судири со полицијата
Протестите поради растот на трошоците за образование ескалираа во судири со полицијата; министерот најави дека ќе бидат употребени сите неопходни средства за воспоставување ред.

Неколку стотици луѓе, главно млади студенти, протестираа денеска во центарот на Брисел поради зголемените трошоци и промени во образовниот сегмент, а дел од собирите прераснаа во судири со полицијата. За време на немирите беа употребени солзавец и водени топови.
Студентските групи велат дека излегуваат на улица поради реформите и зголемените давачки кои, според нив, ќе го направат високото образование помалку достапно. На собирот многумина носеа маски и извикуваа антифашистички пароли.
Реакција на властите
Белгискиот министер за внатрешни работи, Бернар Квинтин, оцени дека настаните во Брисел веќе не се обичен протест и порача дека ќе бидат искористени сите потребни средства за воспоставување ред. Тој напиша на Икс: "Она што се случува во Брисел веќе не е обичен протест! Ова е јасно и недвосмислено насилство, организирано и повторувано со цел да се дестабилизира нашето општество. Федералната полиција ѝ дава поддршка на локалната полиција. Ќе бидат употребени сите неопходни средства за да се воспостави ред".
Студентски протести се регистрирани и во источниот град Лиеж, каде што првично оваа година студентите реагираа поради состојбата во образовниот систем и растот на трошоците за образование.
Немирите во Брисел се делумно поврзани со бранот протести во соседна Франција, каде што минатиот месец демонстрациите почнаа во средните училишта во некои сиромашни предградија на Париз и брзо прераснаа во пошироко движење против нееднаквоста и намалувањето на јавните средства.
На почетокот на месецов во Брисел беа одржани и други протести, вклучувајќи големи синдикални собири на кои десетици илјади луѓе протестираа против планираните економски реформи на владата.
Фото: EPA/OLIVIER HOSLET (Архива)


