Судење за „Пулс“: Русески не гледа оснoва за изземање на вештакот
Обвинителството го оспори неговиот ангажман и соработка со други вешти лица; Русески тврдеше дека објектот ја исполнувал својата намена.

Вештакот Петре Русески, ангажиран од одбраната во судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изјави дека не гледа основ за своето изземање откако Обвинителството постави прашања за неговите претходни ангажмани и соработка со други вешти лица. Во продолжение на вкрстеното испитување тој остана на ставот дека објектот од градежен аспект ја исполнувал својата намена и дека изведените зафати претставувале градежно-занаетчиски работи.
Обвинителството побара појаснување за минатите ангажмани
На почетокот од рочиштето обвинителката Наташа Сарамандова го праша Русески – кој го изработил градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и за уште двајца обвинети – дали смета дека постојат основи за негово изземање, укажувајќи дека Јавното обвинителство пред ангажман прави проверки дали против вешто лице се води постапка или дали е осудувано и очекува истото да го прават и другите страни.
Обвинителството истакна дека Русески на барање на обвинетите Николчо Коцев и Љупчо Стаменков изработил вештачење кое било потпишано и од Василка Каевска, и праша дали „Василка Каевска, заедно со Николчо Коцев и Мирослав Грчев, изготвувала правни вештачења и за „Инкс дрим" АД Струга произнесувајќи се на материја за која сте ангажирани да вештачите и во овој предмет“, на што Русески одговори потврдно.
„Да, така е. Сите работиме под закон... Инаку, 11 вештаци се обвинети за лажен исказ врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што две години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен“ – изјави вештакот.
Русески појасни дека вештото лице Василка Каевска како вештак од областа на архитектурата работела со него „за полесно да одговориме на прашањата поставени од барателите“, додека геодетот Инает Ертани бил консултант „повеќе како советодавна улога“. Одбраната реагираше дека начинот на поставување прашања од страна на Обвинителството претставува малтретирање и навреда, при тоа тврдејќи дека обвинителството не располагало со прашања кои ќе ги поткрепат своите наводи.
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски продолжи со вкрстени прашања и упати внимание на делови од вештачењето за првообвинетиот Дејан Јованов, каде што е наведено дека „се задоволени основните минимално технички услови во објектот, дека се обавува угостителска дејност кабаре, дека се врши лесна интервенција со преградни ѕидови“, додека во друг дел се наведува дека „во однос на целосната противпожарна функционалност, евакуацијата, електрична инсталација, машинската вентилација, паничното осветление, минимално техничките услови и другите потребни безбедносни услови... потребна е оценка од соодветни овластени стручни лица или надлежни органи од овие области. Ова мислење се ограничува на градежно-архитектонскиот аспект на објектот.“
Русески ги потврди наведените ставови со одговор „да, така е наведено“. На прашање дали конструкцијата имала влијание врз пожарот, тој рече дека треба да се испита дали материјалите го ширеле пожарот и како градбата регирала, но од негов агол „од мој градежен аспект објектот и материјалите во него не придонеле и не била надмината неговата противпожарна околност и целосно одговорил на својата намена. Од градежен аспект нема последици врз пожарот.“
На укажување дали внатрешното уредување и организацијата на внатрешниот простор се градежен аспект, сведокот рече „тоа рековме се градежно-занаетчиски работи“. Тој додаде: „Во смисла на зборот адаптација, се согласувам со професорката Мирјана дека нема адаптација. Дефинитивно, нема реконструкција од градежен аспект, нема промена во деловниот простор и, дефинитивно, се градежно-занаетчиски работи на внатрешно ентериерно уредување на просторот.“
Русески уште рече дека „градежно-занаетчиските работи не се дефинирани во Законот за градењето затоа што за нив не е потребно одобрение, овластување и лиценци, а инаку за секој предмет тие се неопходни и се користат.“
Судењето продолжува со изведување докази предложени од одбраната. На претходното рочиште вештачењето на Русески и неговите тврдења дека објектот ги исполнувал условите и дека „за промена на дејноста на објектот биле изработени и поднесени сите потребни документи, меѓу кои елаборати за заштита од пожари и за заштита и здравје при работа до Пазарниот инспекторат, како и сообраќаен елаборат до МВР“, предизвикаа реакции од Обвинителството и од семејствата на загинатите.
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот остро реагираа на изнесените тврдења. Александар Наунов на пауза од едно претходно рочиште изјави дека „изведените градежни зафати не може да се третираат како обични занаетчиски работи со цел да се избегне одговорноста за градење без одобрение“, потенцирајќи дека судскиот процес „не е само за градежни конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и за загубените човечки животи“.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, што претставува една од најтешките несреќи во поновата историја на државата.
Фото: прес-материјал од настанот


