Почетна
Македонија

Судскиот совет и Здружението на судиите против постапката на Уставниот суд

Судскиот совет и Здружението ја побараа институционалната воздржаност откако Уставниот суд пријави судија за непочитување на неговата одлука во предмет поврзан со новинари.

·Македонија
Судскиот совет и Здружението на судиите против постапката на Уставниот суд

Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружението на судиите излегоа со заедничка реакција поради активирањето на механизам за барање одговорност од страна на Уставниот суд, откако тој утврдил дека судија на Основниот граѓански суд не ја спровел одлуката на Уставниот суд во предмет поврзан со слободата на изразување.

Во реагирањето, институциите ја потврдија почитта кон уставниот статус и конечноста на одлуките на Уставниот суд, но предупредија дека треба да се зачува самостојноста и независноста на редовните судови и законскиот тек на судските постапки.

Правен контекст и повик за воздржаност

Тие посочуваат дека решението на Основниот граѓански суд Скопје не е правосилно и дека против него е поднесена жалба која треба да ја разгледа надлежниот второстепен суд, поради што секое институционално постапување поврзано со таа неправосилна одлука бара особена внимателност за да не се создаде впечаток на притисок или прејудицирање на судската одлука.

“-Во конкретниот случај, Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година на Основниот граѓански суд Скопје не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд. Оттука, постапката сè уште е во тек, а оценката на законитоста на првостепената одлука му припаѓа само на надлежниот второстепен суд. Во такви околности, Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружение на судиите на Република Северна Македонија сметаат дека секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет. Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку гаранција за граѓаните дека за нивните права и обврски ќе одлучува независен и непристрасен суд. Функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори. Оттука, ниту еден орган, без оглед на неговата уставна положба, не може да определува или да прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет – се вели во реакцијата.

Во соопштението тие дополнително нагласуваат дека почитувањето на Уставниот суд и заштитата на независноста на судовите припаѓаат на истото уставно уредување и на принципот на владеење на правото.

“-Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружението на судиите на Република Северна Македонија остануваат цврсто определено за доследно почитување на Уставот, законите и одлуките на Уставниот суд, но и за бескомпромисна заштита на независноста на судската власт, правото на правично судење и непреченото функционирање на системот на правни лекови. Само преку институционална воздржаност, заемно почитување на уставните надлежности и доследно почитување на законските процедури може да се обезбеди владеење на правото и да се зајакне довербата на граѓаните во институциите – се додава во реакцијата.

Оваа реакција е во контекст на одлуката на Уставниот суд со која, како што наведува судот, е активиран механизам за постапување против судија откако тој, при повторување на постапката во предметот што го води новинарката Наташа Стојановска, не ја применил одлуката на Уставниот суд.

Уставниот суд утврдил дека судијата се повикал на одредби од Законот за парничната постапка и оценил дека одлуката на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ, со што, според уставните судии, тој не ја земал предвид конечноста, извршноста и општата задолжителност на одлуките на Уставниот суд.

Уставниот суд потсетил на претходна пракса: по донесувањето на Одлуката У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, Основниот граѓански суд Скопје прифатил дека одлуките на Уставниот суд може да се земат како нов факт и нов доказ и ги искористил како основ за повторување на предметот МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година, а истата пракса подоцна ја потврдил и Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 07.11.2024 година.

Соопштеното од Уставниот суд укажува дека тој ја прифатил заштитата на слободата на изразување на новинарката Наташа Стојановска и дека поради игнорирање на нивната одлука, уставните судии ја пријавиле постапката и судијата до Јавното обвинителство и до Судскиот совет.

Инаку, со ваквите интервенции Уставниот суд покажа поддршка кон новинарите чија безбедност била загрозена вечерта на 27 април 2017 година, на настаните што останаа познати како „крвавиот четврток“, кога репортерите беа изложени на закани, заплашувања и спречување при известувањето.

Новинари денеска поднесоа тужби за нападите што се случија на 27 април во Собранието, како дел од обновените напори да се добие судска разрешница за настаните и штетите што ги трпеле при известувањето.

Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Поврзани написи