Почетна
Македонија

Сунѓерот и неусогласена врата го забрзале ширењето на пожарот во „Пулс“

Во судницата во Идризово експерти кажаа дека на објектот немало инспекциски надзор и дека материјалите и излезите не ги исполнувале противпожарните стандарди

·Македонија
Сунѓерот и неусогласена врата го забрзале ширењето на пожарот во „Пулс“

Вештите лица на судењето за смртоносниот пожар што на 16 март 2025 година избувна во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани изјавија дека полиуретанскиот сунѓер на плафонот и недостатоците на главната врата го забрзале ширењето на огнот, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Во судницата кажано дека немало инспекциски надзор и дека вратите не биле согласно стандарди

Вештото лице Викторија Будимовска-Секуловска пред судот во Идризово рече дека од отворањето на дискотеката и до трагичниот настан не бил извршен инспекциски надзор од инспектор за противпожарна заштита. „Колку што ни е нам познато, од 2012 до 2025 година не е извршена инспекциска контрола во дискотеката 'Пулс' од страна на инспектор за противпожарна заштита,“ рече таа.

Будимовска-Секуловска додаде дека вештачењето покажало дека во внатрешноста бил истакнат само еден план за евакуација, а главната влезно-излезна врата не ги исполнувала стандардите за противпожарна заштита. „Сè што спаѓа во противпожарна врата, значи паник-рачка, кочење во системот за кочење во отворена полоѓба и самата огноотпорност на вратата, сетот тоа не е исполнето на таа врата,“ рече таа.

Вештото лице Маријана Лазаревска, која детално ги опиша зафатиите направени при пренамената на објектот, подвлече дека иако „не е наше да утврдуваме причина за пожар“, посакуваше да ги изнесе своите согледувања. „Иако беше повторувано дека не е наше да утврдуваме причина за пожар, меѓутоа можам да го споделам мојот личен став во однос на тоа, дека ценевме иницијалниот извор на пожарот да се прскалките. Меѓутоа, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, припаѓа на сунѓерот. Значи, тука имаме директна поврзаност. Нешто му помогнало да се прошири и да гори“, кажа таа.

Професорот Горан Марковски од Градежниот факултет рече дека при согорување на полиуретанскиот сунѓер се ослободува јаглерод моноксид и цијанид. „Специфично, за овој материјал, конкретно сунѓерот, е што при согорување тој ослободува јаглерод моноксид и цијанид, а знаеме во кои историски моменти се користел цијанид“, рече Марковски и потврди дека на плафонот имало полиуретански сунѓер.

Доказната постапка ќе продолжи со изведување докази од одбраната и нивни сведоци. Во случајот се обвинети 35 физички и три правни лица — меѓу нив сопственикот на објектот, негови блиски, инспектори, поранешни министри и лица поврзани со агенцијата за обезбедување. На почетокот на процесот сите се изјаснија дека не се виновни. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поврзани написи