Почетна
Свет

Технички дефект ја парализира авијацијата во САД — над 2.000 откажани летови

ФАА воведе национална забрана за летови по проблем во системот за контрола; официјално велат дека старите системи биле преоптоварени.

·Свет
Технички дефект ја парализира авијацијата во САД — над 2.000 откажани летови

Голем технички проблем го парализира воздушниот сообраќај во САД: повеќе од 2.000 летови беа откажани, стотици беа пренасочени, а десетици илјади патници останаа заглавени на аеродромите кога Федералната служба за воздухопловство воведе привремена национална забрана за летови.

„Бидејќи целата ситуација стана прилично неизвесна и напорна, одлучивме целосно да го откажеме патувањето, вклучително и поврзаниот лет, бидејќи секако ќе го пропуштевме. Тој лет требаше да биде вечерва во 21 часот, а сега, со оглед на околностите, воопшто не знаеме кога воопшто ќе стигнеме таму“, изјави Лејлани Хемптон, патничка.

„Значи, сега треба да се јавиме во хотелот што го резервиравме во Вегас, а тука е и летот за враќање со „Аласка“. Искрено, премногу работи се натрупаа, особено со сето ова што се случува со ФАА и контролата на летање. Навистина е лошо, ама тоа е, што е“, рече Боби Нгујен, патник.

Што предизвика проблемот

Министерството за национална безбедност соопшти дека нема индиции за сајбер напад и ја исклучи поврзаноста со „Мајкрософт“. Претставници во Вашингтон рекоа дека во основата на хаосот била технологија што се додавала во националниот систем за контрола на воздушниот сообраќај, што довело до преоптовареност на застарената опрема, комуникациски дупки и радарски празнини.

Според американскиот секретар за транспорт Шон Дафи, во моментот на инцидентот имало околу 3.500 авиони на небото над САД. Тој ја истакна потребата од модернизација и побара 50 милијарди долари за нова опрема и подобрување на системот.

„Ајде да ја завршиме оваа работа. Нова опрема, нов софтвер, нови телекомуникации. Многу од нашите кули се стари речиси 100 години. Нашите контролори на летање имаат покриви што прокиснуваат и клима-уреди што не работат. Тие се наоѓаат високо горе. Лифтовите не им работат. Покривите им прокиснуваат. Сакам нови кули“, изјави Шон Дафи, секретар за транспорт на САД.

Федералната служба за воздухопловство воведе забрана која беше укината по четири часа, а од таму рекоа дека сообраќајот постепено ќе се нормализира. Сепак, предупредија дека нарушувањата веројатно ќе се чувствуваат и во наредните денови. Ова беше прво национално приземјување на летови од јануари 2023 година, кога дефект во клучен компјутерски систем на ФАА предизвика слично прекинување; привремена национална забрана за летови првпат беше воведена по нападите на 11 септември 2001 година.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи