Текстилниот отпад од домаќинствата во Штип ќе се користи за производство на перници за миленичиња
Фондацијата за развој на локалната заедница-Штип ќе отвори собирен центар кој ќе го собира само текстилниот отпад од домаќинствата.

Текстилниот отпад од домаќинствата во Штип ќе се користи за производство на перници за миленичиња, украсни перници и други производи што се полнат со таков обработен отпад, а невладината Фондација за развој на локалната заедница-Штип е на чекор од отворање на првиот собирен центар во земјата.
Како што најави фондацијата, следува прва поголема организирана акција во која граѓаните можат да донесат гардероба и друг текстилен отпад од домаќинствата — без разлика дали тоа може да се носи или не, односно и неупотребливи парчиња. "Значи, ние прибираме секаков вид на текстилен отпад од домаќинствата, не од индустријата, туку само од домаќинствата. Со ова, реков, се започнува отварањето, почетокот на собирен центар за текстилен отпад, кој што секоја општина којашто има над 30 000 жители мора да има ваков собирен центар," вели Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница-Штип.
Според податоците од локалните иницијатори, граѓаните на Штип произведуваат пет пати повеќе текстилен отпад во однос на другите општини, што делумно се објаснува со развиеноста на текстилната индустрија во градот. На ниво на држава, вкупното количество на текстилен отпад е околу 5%, додека во Штип тој удел изнесува меѓу 35 и 40% во зависност од годината.
Штета за животната средина и поддршка
Собирниот центар ќе собира исклучиво текстилен отпад од домаќинствата, а не индустриски отпад. Како што појаснуваат од фондацијата, најголем дел од материјалот е синтетика. "Она штетата што текстилниот отпад ја прави е затоа што најголем дел од ова што го носиме е синтетика. Синтетиката, ако ја разложувате, е пластика, а пластиката се прави од нафта, значи многу лесно се пали," предупредува Шарковски.
Палењето текстилниот отпад на градските депонии предизвикува голема штета — загадување на воздухот, но и на почвата и подземните води. Проектот за собирен центар за текстилен отпад во Штип е иницијатива на Фондацијата за развој на локалната заедница-Штип и се реализира со финансиска поддршка на Европската климатска иницијатива преку Владата на Германија.
Од Фондацијата посочуваат дека собраниот материјал ќе се преработува во полнила за перници за миленичиња, украсни перници и други производи, со што ќе се создаде локален механизам за повторна употреба на текстилниот отпад од домаќинствата.
Фото: прес-материјал од настанот


